Македонија
9. July 2018 - 16:14

Нови откритија на античкиот локалитет „Стибера“

Три мермерни блока со натписи на грчки се откриени на градба на античкиот локалитет „Стибера“ кај прилепското село Чепигово.

Според археологот Душко Темелкоски од прилепскиот „Завод и музеј“ кој ги предводи годинашниве истражувања, по пронајдените мермерни статуи, станува збор за сѐ уште таинствена градба веднаш до храмот на богињата Тихе- заштитничка на „Стибера“.

- Станува збор за три мермерни блока на кои стои натпис со грчи алфабет. Според дешифрирањето во кое помогна колешката Весна Калпакоска од Битола, на мермерните блокови пишува: „Кефалон, виден граѓанин на Стибера, син на Еуболит, донирал свои средства да се изгради овој објект“, појасни Темелковски.

стибера Објектот, дополни, е веднаш до храмот кој го отворивме со ланските истражувања, но се уште е таинствен и не знаеме за што станува збор. Според првичните истражувања, се мислеше дека е објект за обредни ритуали за храмот, зашто и тој има бунар, но со овие натписи, се отвораат други можности. Пронајдовме и дел керамика и накит, но во јавните објекти секогаш подвижните наоди се во мал број. Се надеваме дека ќе откриеме за каков објект станува збор во наредната недела додека траат истражувањата, наведе Темелкоски.

Стибера била град со, тогашни зачудувачки, 20.000 жители и бил активен околу 500 години, конкретно, од 3 век пред, до 3 век од нашата ера.

- Стибера, за тогашни услови била своевидна метропола. Најголемиот процут го има во првиот век од нашата ера кога било најсилно влијанието на Римјаните на Балканот. Оттогаш е и храмот, а во истовреме е изграден и овој таинствен  објект кој го истражуваме, објаснува Темелкоски.

На „Стибера“ се истражува уште од 50-ите години на минатиот век. Тој е најпознат македонски локалитет според пронајдените мермерни статуи, уметнички изработени од квалитетен мермер. Но, најголем проблем се нерешените имотно-правни односи.

- Голем дел од локалитетот, на кој имаме само „загребано“ на површината е на приватно земјиште на жителите на село Чепигово. Имало обиди на државата да се спогоди со нив, но тие барале обештетување 2:1, односно доделување двојно поголема површина за што Министерството за култура кое нудело сооднос 1:1 не се согласувало. Тоа го кочи конзервирањето и понудата на локалитетот како атракција за туристите. Стибера е врвен антички локалитет но се потребни повоеќе пари и поголем третман за истражувањата. Годинава имаме доделени околу 300.000 денари за археолошките истражувања, вели Темелкоски.

Досега на локалитетот се откриени гимназионот, односно училиштето, храмот на богињата Тихе, работилница, бројни мермерни статуи кои, дел, се во Музејот на Македонија.

Стибера - Може да очекуваме уште многу градби. Ова досега е малку за толкав град со 20.000 жители. Треба да се очекуваат театар, ученички мозаици во куќите на богатите и што уште не, вели археологот Темелкоски.

Годинашниве архелошки истражувања на античкиот локалитет „Стибера“  се планирани еден месец. Останува уште една работна недела за да се дојде до нови откритија.