Македонија
23. April 2018 - 13:01

Рајска природа во светилиштето посветено на Светото Тројство во с. Скачковце

Божјата милозлива рака извајала природни предели подарок за луѓето кои ги сака и им простува. Неограничениот универзум кога ги откинал рајските нишки, најмногу оставил во Македонија.

Светото Тројство - вечни и еднакви, симболот на нашата миризлива вера на пролетниот босилек - вгнездени во разеленетото село Скачковце. Неразделна природна целина во непосредна близина на Куманово, на патот кон Свети Николе.

Во Христовата убавина на ова крсно место со топла православна насмевка, не пречека прота Стојан Пајковски. За него заветот за религиозното учење и торжествено воздигнување на храмот е светост. Неговиот внатрешен порив за христијанството е во срцето и го дели на сите добронамерници. Овој пат Прота Пајко на екипата на ТВ Сител подари мелем за нашата душа длабоко од неговите емоции, раскажани низ хуманиот збор.

Манастирската камбана на влезот од Пресветата Тројца ѕуни везден. Во рајската тишина со песната на птиците се слева во композицијата. Дава светол Христијански звук во селото кој се слуша во сечиј дом.

Христијанството изродило неповторливи и пожртвувани луѓе, кои во најтешките мигови создале восхитувачки грандиозни дела. Прота Пајко во својот црковен двор се поклонува на нив како аманет оставен од предците. Денес се поклонивме и ние. За денот да се мине во православен дух, чисто срце и среќна мисла - конаците овозможуваат глетка на зајдисонцето за минувачите кои живеат со Бога. Не се сами туку со севишниот.

Мајката на сите верници, Мајката Божја Пресветата Богородица чиниш прва не пречекува во манастирскиот двор со благослов за мир, спокојство и радост.

Свети Климент- нашиот патрон и творец на писменоста, денес не потсетува за блажени дела.

Прота Пајко не прошета низ дворот создаден од бајка, кој го одржува со љубов кон религијата.

Црвеното јајце пред светиот влез на манастирот, не потсети на Велигден. Со воскресението нашата вера е бесконечна.

Нашата убава Македонија е колевка на Христијанството. Денот кога го посетивме манастирот посветен на Светото Тројство на Источниот петок Балаклија, дојдоа во посета убави луге. Тие го манифестираат гранитниот македонски нескршлив дух и непокор да се опстои, сплотени со песна и Христос.

Мудроста на Христа е неограничена. Тој ги разбира сите околности и аспекти на секоја ситуација. Секогаш ја извршува вистинската работа. Затоа прави чуда кои само тој ги може и кои се недостижни за човековата природа. Дрвото со необичниот крст сведочи за силата на Христос.

Дворот е секогаш полн со верници, а тоа ја радува душата на домаќините Прота Пајко и сопругата Марина. Двајцата добри луѓе со уште подобра мисла за сите. Големината на човекот е во срцето, а нивната е неизмерна. Кога делел Бог добрина, кај нив двајца не штедел.

Светлината се раѓа од Сонцето за да ја осветли целата Земја Синот се раѓа од Отецот за нас да не исполни со даровите на Светиот Дух.

Затоа Господ ни го даде Сонцето, за да можеме да размислуваме за Христа кој ни дарува Вечна Топлина.

Тој е светлина на светот и кој го следи неговиот пат нема да оди во темнина. Зошто Бог е вечен, семоќен, сеприсутен сега секогаш и во вечни векови. Амин.

 

 

Рената Блажевска