Македонија
9. March 2018 - 16:49

Водата од поплавените подрачја се повлекува, останува стравот од нови поплави

Нивото на водата во поплавените места во Општина Јегуновце полека се намалува, но ситуацијата во селата Раотинце и Туденце е сеуште критична. Поплавено е најголем дел од земјоделското земјиште, а под вода се и неколку куќи.

За претстојниот викенд од УХМР најавуваат високи температури, а локалните власти стравуваат од наглото топење на снегот на Шар Планина, кое би резултирало со нови поплави. Првиот човек на општината и денеска апелираше до ХЕЦ Маврово, испуштањето на акумулираните води да биде ставено на минимум.

Комисијата за утврдување на последиците од поплавата и денеска била на терен, а констатирани се штети на поплавените ниви насадени со пченица и репа.  Резултатите од направениот увид се испратени до Министерството за земјоделство.

Општинските власти повторно потенцираа дека очекуваат поголема помош од сите државни институции.