Родителите две години трагаат по изчезнатата ќерка која остави сопруг и малолетно дете
Ниту трага, ниту глас и по две години од исчезнувањето на сега веќе 35 годишната Марина Арсова. Марина, по потекло кочанчанка, а мажена во Штип, за последен пат е видена на 29 декември 2015-та година, кога излегла од домот во штипската населба 8-ми Ноември, оставајќи ги сопругот и тогаш 9 годишната ќерка и повеќе не се вратила. Истиот ден се јавила на мајка си во Кочани.
- Последните 3 дена на работа многу плачела. Тоа го знаеме од нејзини колешки. Мене ми се јави и ми рече дека ќе дојде на гости за Нова Година, но тоа не се случи-изјави Ленче Цветкова, мајка на исчезнатата Марина Арсова
Една недела подоцна нејзиниот сопруг пријавил во полиција дека Марина ја нема. Нејзината мајка вели дека повеќе од 700 денови живее во агонија, но верува дека мајчинскиот инстинкт не ја лаже.
- Телефонот ќе заѕвони, јас трчам да се јавам, мислам дека е таа. Повеќе немам сила да издржам. А таа е жива. Го чувствувам тоа овде, иако срцето ми е празно, чувствувам дека е жива - изјави Ленче Цветкова, мајка на исчезнатата Марина Арсова
Цветкова повторно го побара вниманието на јавноста, зашто смета дека можеби во меѓувреме некој ја видел или пак слушнал некоја информација која ќе може да им помогне на истрагата.
- Ако можат да помогнат, било каква информација да добиеме- додаде Цветкова
Со внуката се гледаат секоја втора недела. Така определил Центарот за социјални работи, откако таткото побарал од дедото и бабата да поднесат барање за можат да ја гледат и да бидат со неа. Од полицијата информираат дека потрагата сеуште трае.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар