Македонија
25. September 2026 - 21:27

Еврокодови за посигурни градби: Ќе поскапи ли квадратот?

Домови, згради, училишта, болници – во иднина сите би се проектирале и граделе според исти, современи правила. Потпишана е иницијатива за воведување на втората генерација Еврокодови. 

Планот е од 2027 до 2030 година постепено да се воведат европските стандарди и тие да станат основа според која ќе се градат објектите во земјава. Причината е што дел од правилата според кои денес се работи се стари и потекнуваат уште од осумдесеттите години. 

Според градежната фела, новите стандарди треба да донесат побезбедни и поквалитетни објекти. Но, се отвора и прашањето – дали тоа ќе значи поскап квадрат?

„Еврокодовите се флексибилни и тие дозволуваат трошоците да се... дефинираат зависно од потребите и така натаму. Значи постои едно мислење во пошироката општа јавност дека со воведувањето на Еврокодовите се воведуваат поголеми стандарди, што можно е да го... поскапуваат градбата, меѓутоа ви велам пак, не нужно, а целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста“, вели Јосиф Јосифовски, Декан на Градежен факултет.

Новите правила би можеле да значат и дополнителни проверки кај најстарите објекти, а за дел од нив и реконструкција.

„Сите објекти што нема да ги исполнуваат тие стандарди би требало да се реконструираат, меѓутоа сметаме дека нема да има преголем број на такви објекти. Збориме за оние најстарите, можеби пред скопскиот земјотрес“, изјави Јосифовски. 

За да не останат новите правила само на хартија, ќе треба да се обучат и луѓето кои ќе ги применуваат. Меѓу нив се проектанти, ревиденти, надзорни инженери, изведувачи, инспектори…

„Ние тука постоиме и ги даваме сите наши ресурси, сите наши знаења... сè со цел овој процес за побрзо воведување на Еврокодовите како национални стандарди да биде што пократок“, кажа Андреа Серафимовски, Претседател на Здружение на градежништвото

Предвидена е и дигитализација – веб-портал, дигитална библиотека и електронски прирачници за инженерите.

За спроведување на процесот се предлага и координативен совет со претставници од институциите, факултетите, коморите.. Ќе треба да се усогласат и неколку закони.