Иванов: Законот за јазиците е закана за унитарноста на државата
Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата, смета претседателот Ѓорге Иванов.
- Овој предлог-закон, додаде тој, го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони, за да го оправдаат кршењето на големите закони, рече Иванов.
Неговата одлука за законот, рече, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Тој, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонските закони.
- Јас сум претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик, истакна Иванов.
Ги повика лидерите на сите парламентарни партии прво да ги слушнат експертите и да направат квалитетен закон што нема да биде оспорен и што ќе понуди сеопфатно решение што вистински ќе ја унапреди употребата на јазиците, без притоа да создава поделби. За изработка на таков закон, рече, потребна е вистинска јавна дебата и најширок можен консензус.
Според него, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Затоа, смета колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува.
Спорно, според него, е и ставањето европско знаменце за донесувањето на овој закон иако тој не се усогласува со никакви европски акти. На ваков начин, смета, Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара.
Ново на Сител
-
Собранието го донесе Законот за заштита на децата, прифатени само два амандмани
-
ОН: Туризмот во светот се врати на нивото од пред пандемијата со Ковид-19
-
Македонската репрезентација со еден гол негатива на полувремето против Австрија
-
Ѓоковиќ го победи Алкараз и се пласираше во полуфиналето на Австралија опен
-
Спречени обиди за криумчарење на лекови, медицински игли, тутун, облека и обувки
-
Најмалку 66 загинати во пожарот во хотелот во турскиот ски-центар
-
ЕП го одобри Договорот за Фронтекс меѓу ЕУ и Србија
-
ЕУ одобри 60 милиони евра помош за Вооружените сили на Либан