Македонија
30. November 2017 - 16:20

Тилерсон: Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот

 

Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот, а САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини да помогнат, му порача на вчерашната средба во Вашингтон американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. 

Тилерсон ја поддржа реформската агенда во Македонија, повикувајќи ја Владата да истрае во нејзиното спроведување.

Димитров кој се осврнал на актуелните политички состојби во Македонија, го запозна Тилерсон и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

,,Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош, лидерство и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна и имаме намера да ја искористиме оваа можност што ни се укажува‘‘, рекол Димитров.

Токму охрабрувањето од Вашингтон за решавање на спорот за името беше и тема на интерес на учесниците на на конференцијата на Атлантскиот совет. На панелот „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој освен министерот Димитров учествуваше и високиот американски дипломат Хојт Ји, Димитров беше запрашан дали САД треба повеќе да се ангажира во решавањето на спорот за името.

,,Мислам дека имаат јасен интерес по прашањето, кое веројатно го загрижува Вашингтон, а тоа е стабилноста на регионот. Мислам дека сега има 29 земји членки на НАТО и тоа не е некако ,,заокружена‘‘ бројка.

Треба да има 40, така?

И слушнав дека има две празни столици во старото седиште на НАТО во Брисел. И им порачав на многу министри на земјите членки на НАТО една да ја чуваат резервирана за Македонија. Мислам дека ја имаме шансата. Мислам дека колку повеќе Балканот е демократски, колку повеќе демократиите се функционални и енергични, толку помалку можности ќе останат за геополитички игри. И сега е важно, откако го имаме тоа, да ја искористиме можноста. Оттаму, мислам дека пријателското охрабрување, искористувањето на перспективата, за која подвлеков дека не треба да биде некако порамнување на нула, туку дека на сите ни треба нешто за да излеземе од тоа прашање, веројатно ќе биде од голема помош‘‘, изјави Димитров.

Инаку, последната средба на шеф на македонска дипломатија со американски државен секретар се одржа во 2008 година, кога тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски се сретна со поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс.