Путин: Време е да се премине кон политички процес во Сирија
Воената операција во Сирија се приближува кон својот крај и сега треба да се премине кон политички процес во земјата, изјави синоќа рускиот претседател Владимир Путин синоќа во Сочи на средба со неговиот сириски колега Башар Асад, кој се наоѓа во работна посета на Русија.
- Мислам дека проблемот со тероризмот има глобален карактер. До целосна победа на тероризмот, се разбира, се уште сме далеку. Но што се однесува до нашата заедничка работа во борбата против терористите на територијата на Сирија, оваа воена операција всушност завршува, изјави Путин.
Како што соопшти Кремљ, тој додал дека сега е најважно да се премине кон политички процес и ја поздрави подготвеноста на Асад да работи со сите оние кои сакаат мир и решавање на сириската криза.
- Во овој период беа постигнати големи успеси, како на бојното поле, така и на политички план. Многу области на Сирија беа ослободени од терористите и во нив можеа да се вратат Сиријците, кои претходно беа принудени да ги напуштат, истакна Асад, додавајќи дека оваа операција ќе овозможи да се премине кон политичко решавање на сириската криза.
Асад исто така му рекол на Путин дека смета на помош од Русија за спречување на мешањето на надворешни политички играчи во политичкиот процес во Сирија.
- Ние сметаме на поддршката на Русија, за да се гарантира немешање на надворешните играчи во политичкиот процес и оти од надвор ќе се дава само поддршка за процесот кој ќе го водат самите Сиријци, рекол Асад. - Ние не сакаме да гледаме назад. Ние сме подготвени да водиме дијалог со сите, кои всушност се заинтересирани за политичко решение и ги поздравуваме, дополнил тој.
Путин на Асад му го претставил раководството на Министерството за одбрана и Генералштабот на вооружените сили на Русија, кои во Сочи одржуваа состанок посветен на одбраната.
За време на средбата на двајцата претседатели со раководството на руското Министерство за одбрана и на Генералштабот на руските вооружени сили, Путин повторил дека наскоро во Сирија ќе биде ставена крајна точка на борбата против тероризмот. Путин му ги претставил на Асад и „луѓето кои одиграа клучна улога во спасувањето на Сирија“, додава Кремљ.
Асад му се заблагодарил на рускиот министер за одбрана и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили за нивната борба против тероризмот во Сирија и за жртвите кои ги дале во земјата.
Средбата на Путин со Асад се одржа во пресрет на утрешниот тристран самит за Сирија меѓу лидерите на Русија, Иран и Турција.
Кремљ информира дека Путин денеска ќе одржи и телефонски консултации за Сирија со претседателот на САД, Доналд Трамп и со голем број лидери на земји од Блискиот Исток. Рускиот претседател вчера веќе разговараше со Емирот на Катар.
Ново на Сител
-
Драма на автобуска постојка во Центар: Неколку лица претепале и ограбиле четири малолетници
-
Организациската директорка на Токсикологија тврди дека клиниката има потреба од 18-те спорни вработувања
-
Пуштен во употреба нов патен правец меѓу Албанија и Косово
-
Палевски спроведен пред судија на претходна постапка
-
Клисаровска: Дневната болница не е затворена, точно е дека пациенти на Онкологија чекаат со часови бидејќи немаме доволно персонал
-
Албанија ќе почне со производство на оружје и муниција
-
Албанската полиција почна контрола на целата територија и државната граница со беспилотни летала
-
Едно лице загина, повеќе се повредени на лет од Лондон кон Сингапур по големи турбуленции