Македонија
8. October 2015 - 8:22

Проект за услуги за социјална вклученост

Проект за унапредување на услугите за социјална вклученост, финансиран од Европска Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), ќе спроведе Министерството за труд и социјална политика во наредните две години. 

Вредноста на проектот, што ќе биде промовиран денеска, изнесува 1.366.250 евра.  Ќе го спроведе конзорциум предводен од WYG International Ltd. Потписник на договорот е Министерството за финансии.

Целта е да се подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените кои се во понеповолна положба и да се унапредат еднаквите можности на пазарот на труд.

Проектот се состои од три компоненти, за унапредување на професионалната рехабилитација и вработување на лицата со инвалидитет, за воведување услуги за лична асистенција за луѓето со инвалидитет и за надградба на постоечкиот ИТ мониторинг систем и вмрежување.