Македонија
31. October 2017 - 16:11

Претседателот Ѓорге Иванов одржа предавање на престижната Оксфордска унија

 

Во Македонија од секогаш владеела филозофијата на почит, бидејќи основата на помирувањето е почитувањето. Другиот не сака да биде толериран, туку сака да биде почитуван, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во своето предавање за македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, на престижната Оксфордска Унија. 

Осврнувајќи се на глобалните предизвици со кои се соочува Светот, Иванов посочи дека тероризмот е многу сериозна закана за сите, поради големиот број на екстремисити кои се инфилтрираат во западоневропските земји преку новата голема преселба на народите.   

„Низ Македонија поминаа милион мигранти во 2015 година. Ние колку што можевме им помагавме на тие луѓе. Но кога мигрантскиот бран почнаа да го користат терористи, екстремисти, да го користат луѓе кои дојдоа во Европа и ги направија терористичките акти кои почнаа од Париз, ние ја затворивме границата и кажавме дека право на азил имаат бегалци, а не економски мигранти. Бегалците се тие што бегаат од своите домови. Од нашиот регион речиси 1000 странски борци отидоа во Сирија и во Ирак. 60 отсто од нив се вратија. Од Европа околу 6000 странски борци се отидени во Сирија. Тие сега се враќаат. Отишле како екстремисти, се враќаат како терористи.

Според Иванов, овие луѓе не може да се дерадикализираат, туку тие треба да се изолираат.

Светот е сè повеќе меѓусебно дигитално поврзан, а различноста од Истокот мигрира кон Западот, што ја наметнува потребата различните светови да учат едни од други за да се надополнуваат, резимирал Иванов.

Во рамки на работната посета на Лондон, најавена е средба на претседателот Иванов со спикерите на двата Домови на британскиот Парламент.