Ракомет
31. August 2017 - 19:09

СЕХА: Металург сака да се надигрува со Вардар

Македонските тимови Металург и Вардар викендов официјално ќе ја започнат новата ракометна сезона. Металург ќе го пречека европскиот првак во воведното коло, во регионалната СЕХА-лига. По тој повод шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, заедно со играчите Филип Кузмановски и Халил Јагањац одржа прес-конференција.
 
„Оваа година Металург има поинаков состав. Ги нема Обрадовиќ, Младеновиќ, Веин, го нема Марчец. Малку ја сменивме структурата на екипата, тука е Халил Јагањац, кој е кадетски репрезентативец на Хрватска. Се обидовме да направиме рамнотежа во старосната граница. И оваа година го имаме најмладиот тим и во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. Во првиот тим приклучивме неколку млади играчи: Серафимов, Танковски, Димитровски, Шилегов. Откривме дека на овие момци им се потребни натпревари така што со нив ќе комбинираме, ќе играат во СЕХА кога ќе процениме дека треба да играат, ќе играат и во Лигата на шампионите и во националното првенство. Сакаме да тренираат со првиот тим и да играат на што е можно повеќе натпревари“, рече стратегот на Металург и дополни дека противникот е апсолутен фаворит на претстојниот натпревар.
 
„Секако дека тие се големи фаворити, ние тоа го знаеме. Ќе се обидеме да покажеме дека имаме волја и желба да му се спротивставиме на апсолутниот фаворит. Би сакал, со целиот можен респект кон противникот нашите момци да прикажат повеќе, да се обидат да дадат достоен отпор. Малку сме послаби шутерски, сепак Обрадовиќ ни ја нудеше ширината на искуството, но сега ја имаме ширината во младоста, што е добро. Сега не треба да зборувам за квалитетот на Вардар. Тоа е екипа што добро е тренирана, добро водена на теренот. Мислам дека ќе имаме многу проблеми со нивната обрана, високи се и брзи, добро ги играат двете одбрани (6-0, 5-1), одлични се во транзиција. Но, ова се работите што сите тимови во Европа ги знаат“, рече Червар.
 
Хрватскиот тренер потенцира дека ќе бара од своите ракометари да бидат 100 отсто концентрирани и борбени не само на овој меч туку во целата сезона.