Македонија
17. May 2021 - 11:09

Нивото на поголем дел од реките под мајскиот просек

Нивото на најголем дел од реките во земјава денеска е под просекот за месец мај. Измереното ниво на реката Вардар кај Јегуновце изнесува 94 сантиметар, а мајскиот просек е 116 сантиметри. Нивото на Вардар на мерно место кај Скопје е 97 сантиметри, што е за десеттина сантиметри под просекот за овој месец, кој изнесува 115 сантиметри.

Нивото на реката Вардар на мерното место кај Демир Капија е 136 сантиметри, што е за дваесеттина сантиметри пониско од просекот за мај.

Големо намалување на нивото на водата бележи и реката Црн Дрим кај мерно место во Ложани и изнесува 60 сантиметри. На ова мерно место просекот во мај е 149 сантиметри.

Што се однесува на нивоата на водата во езерата во земјава, мало отстапување од мајскиот просек се бележи кај Преспанското Езеро со  842,65 мнм, а просекот за овој месец е 844,26 мнм. Ниво повисоко од просечното има Дојранското Езеро со 147,18 мнм, а просекот за мај е 144,39 мнм. Охридското Езеро е во рамки на мајскиот просек.