Николовски: За 18 проценти зголемена транспарентноста на институциите во однос на 2016 година
Општините, министерствата и Владата стануваат транспарентни институции. За 18 проценти е зголемена нивната активна транспарентност споредено со 2016 година, односно нивната транспарентност изнесува 63 отсто, за разлика од 2016, кога била 45 проценти.
Ова денеска на прес-конференција го истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски на која ги презентираше најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации.
-Дури 62 од вкупно опфатените 98 институции ја подобриле својата активна транспарентност во 2021 година во однос на 2016 година. Ако во 2016 година само 24 институции биле во категоријата „многу добра“ и „добра“ транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Особено се забележува подобрување на транспарентноста кај министерствата. Во 2016 година само едно министерство било во категориите „многу добра“ и „добра“ транспарентност. Оваа година дури 12 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории, информираше Николовски.
Во делот на транспарентноста на општините, според Извештајот, општина Карпош има 100 проценти активна транспарентност, а подобрување е забележано кај 51 општина. Значително подобрување е регистрирано кај општина Валандово, којашто во 2016 година од категоријата „многу лоша транспарентност“ со 17,9 проценти, годинава со 94,3 отсто е во групата на општини со „многу добра транспарентност“. Слично е и кај општина Кавадарци, која од категоријата „слаба транспарентност“ во 2016 година со 38,8 проценти, годинава со 80,6 отсто е рангирана како општина со „многу добра активна транспарентност“.
-Активната транспарентност е особено важна за општините, како места каде што граѓаните секојдневно се обраќаат за услуги што им се потребни. Затоа и информациите што ги објавуваат треба да бидат јавни и достапни, бидејќи граѓаните имаат право да знаат, како и за што локалната самоуправа ги троши народните пари, порача вицепремиерот за борба против корупцијата.
Индексот, според Николовски, бележи подобрување кај транспарентноста на министерствата. Од 16 министерства и Владата, кај дури 13 и кај Владата, е регистриран пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност. Владата од категорија просечна транспарентност во 2016 година со 25 отсто, оваа година се искачи на 93,5 проценти, и е во категорија на „многу добра транспаренстнот“. Министерство за одбрана со 100 проценти, годинава е прво на листата на институции за активна транспарентност, за разлика од 2016, кога со 47,6 проценти беше во групата на институции со „просечна транспарентност“.
Во однос на 2016, МВР и министерствата за финансии и здравство бележат раст на активна транспарентност, односно од категоријата на „просечна транспарентност“ или „слаба транспарентност“ сега се рангирана како институции со „многу добра транспарентност“.
Вицепремиерот Николовски нагласи дека владините политики даваат позитивни резултати и дека за тоа покажуваат и други извештаи за меѓународни рангирања меѓу кои и извештајот на Европската комисија за 2020 година, каде беше нотирано дека Македонија со усвојувањето на Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Македонија 2019-2021 година, е првата земја во регионот што ја направи транспарентноста своја политика.
Прашан за обвинувањата на опозицијата дека биле најкоруптивна Влада, Николовски рече дека бројките доволно говорат.
-Во 2016 година Владата на ВМРО-ДПМНЕ со транспарентност од 25 проценти и Влада предводена од Зоран Заев 2021 година со 95,7 отсто транспарентност. Граѓаните треба да знаат, да бидат информирани и да знаат дали некој троши службени пари за одела, забави, скапи хотели…она што се случуваше до 2016 година што го потврдуваше расипништвито на министрите и директорите. Денеска имаме отчетност и транспарентност, граѓаните можат да го видат секој налог што се потпишува, истакна вицепремиерот Николовски.
Ново на Сител
-
Арсовска нема да се кандидира за нов мандат на претстојните локални избори
-
Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава
-
До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд
-
СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот
-
Средба Сиљановска-Филипче во Вила Водно
-
Србин постави чадори за своите сограѓани, како гест на љубезност | ВИДЕО
-
Стареењето некогаш се случува забрзано
-
Јужнокореец условно осуден на затвор, намерно се здебелил за да избегне служење војска