Никола Тесла – Човек за сите времиња
Во недела на 10 јули човештвото ќе одбележи 160 години од раѓањето на генијот Никола Тесла (1856-1943), научник, истражувач и пронаоѓач на полето на електротехниката и радиотехниката, познат како татко на наизменичната струја и на бројни други пронајдоци. Круна на неговата научна работа е најголемото признание што на Тесла му е доделено постхумно во 1960 година кога Меѓународната комисија за електротехника одлучи во целиот свет мерна единица за магнетната индукција да се вика “Тесла“. Со ова Тесла застана меѓу великаните како што се Волт, Ампер, Фарадеј, Келвин...
Маестрален ум
Приказната за Никола Тесла започнува во селото Смилјан во Лика, тогашна Австроунгарија, денешна Република Хрватска, каде што татко му Милутин бил српски православен свештеник. Од дете бил фасциниран од сопствениот свет на мечти полн со идеи и експерименти. За околината, чудни и неразбирливи, поради што уште од дете го сметале за екцентрик. Продолжува во Карловац каде матурирал гимназија во 1873, а потоа во Грац на студии по Политехника (1875-1878) и во 1880 година на студии по филозофија на природата на Универзитетот во Прага.
Една година подоцна, во Будимпешта, Тесла ја започнува кариерата на инжењер. Таму го реализира првиот свој пронајдок – апарат за зголемување на гласот кај телефонот. Следната 1882 го пронаоѓа кружното магнетно поле и заминува за Париз во европската канцеларија на Едисон. Веќе ништо не може да го сопре младиот Тесла. Во 1883. во Стразбург го прави работниот модел на индукцискиот мотор и следната година веќе е во Америка како вработен во компанијата на Едисон каде останува одвај една година. Полетен и со слободен дух во научното истражување и надминување на невозможното, Тесла основа своја компанија и ги пријавува своите први патенти од областа на осветлувањето. Веќе во 1887 година ги пријавува патентите на индукциски мотор и системот за производство, пренесување и користење на електричната енергија. Воедно почнува да предава пред Друштвото на електротехнички инженери во Њујорк и го потпишува првиот договор со Вестингтон за користење на своите патенти. По две години почнува редовното производство на индукциските мотори.
Никола Тесла е нескротлив. Во 1890 година почнува да експериментира со струја со висока фреквенција и го пронаоѓа генераторот на струја со висока фреквенција. Следната година го патентира и трансформаторот без јадро. Две години подоцна (1893) со своите експерименти постигнува голем успех на Светската изложба во Чикаго и успешно го демонстрира својот систем на производство, пренесување и користење на наизменичната струја што било одлучувачко при градбата на хидроенергетскиот систем на Нијагарините водопади. Ги пронаоѓа и механичките осцилатори и генераторите на електричните осцилации.
Во текот на следната деценија Тесла се занимава и со истражување на рендгенските зраци, ја истражува можноста на безжичен пренос на енергијата, прикажува модел на теледиригиран брод, што е прв експеримент на користење на радио таласи за далечинска контрола. Потоа на Лонг Ајленд прави антена на Светтска радио станица со цел да направи глобален систем на пренос на вести и енергија. Ги прави првите скици и пресметки за аеромобил, ги пронаоѓа основните патенти за пумпа и турбина и генератор за странично светло кај локомотивите, добива патент за летало со вертикално полетување, дури се занимава и со подобрување на процесот на производство и преработка на сумпур, железо и бакар...Во 1936 година Никола Тесла го предлага проектот за телегеодинамика или вештина на пренесување на енергија по механички пат низ земјата и одбранбено оружје популарно наречено „зраци на смртта“.
Ова е само дел од богатата научна работа на маестралниот ум на Никола Тесла кој целиот свој живот го подреди на истражувања и експериментирања, без кои светот денес не би бил она што е.
Без Нобелова награда
Сепак, Никола Тесла никогаш не доби Нобелова награда за своите научни дела. Во историјата стои забележано дека во 1915 година дописниците на „Дејли телеграф“ и телеграфска агенција во Копенхаген објавиле дека Никола Тесла и Томас Едисон треба да добијат Нобелова награда за физика. Веста била сензација, но се покажала неточна. Ниту Тесла ниту Едисон таа година не биле официјално номинирани за наградата.
Во 1937 година професорот Феликс Еренхарфт од Виена испратил предлог за номинација на Тесла за Нобелова награда за физика за откривање на висока фреквенција на струи и ротирачко магнетно поле. Но, предлогот бил одбиен со образложение дека пронајдоците на Тесла, иако брилијантни и претходници во широкото поле на електротехниката, биле постигнати пред четириесет години и дека Нобеловиот комитет не доделува награди за придонеси направени во минатото.
Инаку, за тоа кој изум самиот тој го сметал за врв во своето пронаоѓаштво, Тесла во својата автобиографија "Моите пронајдоци" ќе запише дека е тоа високонапонскиот предавател. Односно трансформатор кој произведува мултимилионски напон кој е поставен така што не може да се пренесат преку Земјата која Тесла ја сметал за исклучителен проводник преку кој енергијата може да се пренесе на било која точка на планетата.
Тесла во урна што лебди
Вечното почивалиште на еден од најголемите светски научници е Музејот на Никола Тесла во Белград. Пепелта на човекот кој ја осветли планетата Земја се чува во позлатена урна. Поставена е на квадратно постолје од камен врз магнетно поле па изгледа како да лебди. Урната со земните остатоци на генијот тука е од 1957 година. Донесена е по смртта на неговиот роднина Саво Косановиќ и според одлука на американските судски власти единствен наследник на неговата оставнина, чија желба била Тесла да се есхумира и кремира.
Како што Никола Тесла имал исклучителен животен пат, така и по смртта останал особен, продолжувајќи да ја бранува јавноста. Имал дури три погреби пред конечно да се „врати“ дома, од Америка во Србија.
Големиот Никола Тесла умира во сон на 7 јануари 1943 година во Њујорк во својот апартман во хотелот „Њујоркер“ на Менхетен каде што живеел. Имал 87 години. Два дена неговото тело било изложено во познатата погребна сала на Медисон авенија. Река луѓе се слевале да му оддадат последна чест на големиот научник, меѓу кои државници, истакнати јавни личности, пријатели ама и обични луѓе кои му се восхитувале на генијалниот ум на Никола Тесла. Комеморацијата во живо била пренесувана од Радио Њујорк.
Колкава била почеста што му била оддадена зборува и фактот што црковното опело се одржло во црквата “Свети Јован Богослов“ на Менхетен која за тој чин тогаш за првпат за 20 години ги отворила своите златни порти. Никола Тесла бил погребан на гробиштата Френклиф. По само два месеца, Саво Косановиќ пристигнува во Америка, и Тесла е есхумиран и кремиран. Урната со пепелот на генијот Тесла останала да почива во мир во розариумот на њуројшките гробишта. Се‘ до пренесувањето во Белград каде е изложена во една година пред тоа изградениот истоимен Музеј посветен на неговиот живот и дело.
Заедно со остатоците на научникот, наследникот, од Америка во Белград ја донел и целата докумантација и сите лични предмети на Тесла. Како дел од импозантната меморијална збирка, се чува и посмртната маска на Никола Тесла и отисок од неговата десна рака. Во витрините се изложени предмети кои ја осветлуваат неговата исклучителна личност, начинот на животот и односите со другите луѓе. Тука е неговата шапка цилиндер, стапот, патната торба, ситници од секојдневниот живот како што се покани, театарски претстави, членски карти за одбрани здрженија...Меѓу предметите е и најдрагиот спомен на Тесла на родниот крај и на семејството, што го чувал љубоморно, а тоа е посебно везена народна торба, карактеристична за Лика, рачна изработка на неговата мајка Ѓука.
Со ова Музејот на Никола Тесла е единствен музеј во светот кој ја чува оригиналната и лична оставнина на научникот. Најголемата светска збирка на документи за животот и работата на човекот за сите времиња, Никола Тесла ја надополнуваат и над 160 илјади оргинални документи, над 2000 книги и часописи, над 1200 историско-технички експонати, преку 1500 фотографии и стаклени фотоплочи за оригинални технички предмети, инструменти и уреди, мноштво патенти и работни модели, како и преку 1000 планови и цртежи што се драгоцен извор на информации за сите истражувачи и научници. Дел од поставката се и сите мерни инструменти за мерење на јачината на струјата, напонот и отпорот, како и приборот за техничко цртање и алатот што Тесла го користел во својата лабораторија каде што експериментирал.
Меѓу експонатите мошне значајна е и богатата преписка на научникот со најблиските пријатели, книжевници и уметници, како Марк Твен, Р.А. Џонсон кој препеал неколку песни на Јован Јовановиќ Змај преведени од Тесла. Тука се и наградите, дипломите и признанијата кои лично на Тесла му ги искажале најголемите научници на времето во кое тој живеел: Ајштајн, Крукс, Келвин, Рендген, Миликен, Пупин, Ли де Форест, Кенели, Амстронг...
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ
-
Зеленски го потпиша буџетот за 2025 со 60 проценти од трошоците за одбрана и безбедност
-
Мицкоски: Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници во Судскиот совет
-
Претседателката на Судскиот совет Дамева реагира на обвинувањата за продолжување на мандатот
-
Индија тестираше балистичка ракета од нуклеарна подморница
-
Сиљановска Давкова – Милативиќ: Да се интензивира економската соработка
-
Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово
-
Путин: Нема да дозволиме Киев да стане нуклеарна сила