Ни за парична награда не може да се најдат работници
Две светиниколски текстилни компании понудија парична награда од по 5000 денари за секој вработен што ќе донесе нов вработен во нивните фирми. На овој чекор се одлучиле поради зголемените нарачки и поголемиот обем на работа, а по препорака на германските партнери, каде овој модел е одамна востановена пракса. Сепак и после 5 дена, на огласот за вработување се пријавиле само повозрасни неквалификувани работници.
- Не е оној квалитет на работници кои ние ги очекувавме. Доаѓаат повеќе луѓе за рачна работа, кои не се нафаќаат да работат на машина, кои немаат искуство за машинска работа- изјави Ангел Димитров, сопственик на ТК „Мода“ - Свети Николе.
Светиниколчани велат дека веќе е доцна да се бара работна сила, зашто најголем дел од младата популација заминала во странство.
- Во Свети Николе нема луѓе, целиот млад кадар е заминат.
- Сите избегаа во странство, кои во Италија, кои во Швајцарија, кои во Германија. Има потреба од работници, но личниот доход е мал и затоа бегаат.
- За подобар живот. Еве останаа куќи празни, улици празни- Анкета жители на Свети Николе.
Работодавачите велат дека мора да бидат креативни и да понудат стимулации за вработените, како зголемување на регресот за годишен одмор, а како опција ја разгледуваат и можноста за враќање на вработените кои заминаа на работа во ТИР зоните.
- Веќе платите во ТИР зоните не се значително подобри од нашите плати и ако се земе во предвид начинот на работа таму, каде се работи „на нога“ цел ден, мислам дека може да се случи да почнат да се враќаат работниците во нашите компании- додаде Димитров
Странските партнери веќе ги рекламираат своите производи дека се изработени во Македонија, односно, на тлото на Европа, што носи додадена вредност и во нивен интерес е работниците да се мотивираат и задржат во домашните фирми.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар