Македонија
29. јуни 2026 - 19:57

Измените на изборниот законик пред пратениците

Прераспределба на државните пари за рекламирање на партиите и електронско гласање на дијаспората. Ова се главните измени во изборниот законик кој попладневно влезе во собранињето по скратена постпак.

Но, законот веќе се соочува со закани за блокада од опозицијата.

СДСМ не учествуваше во работната група но најави дека ќе ја блокира седницата.

Стигна најава и од Левица дека ќе го блокира Изборниот законик ако остане политичката дискриминација во него. Левица иако учествуваше во работната група која ги кроеше самите измени, од партијата најавија дека сепак парите за политичко рекламирање не се распоредуваат правилно.  Апасиев, на денешната прес-конференција порача дека не е постигнат консензус за предложените измени на Изборниот законик.   

„Сегашните пакети се 45-45-7-3, тоа значи дека ние не сме предвидени никаде. Нашиот предлог беше 40-40-10-5-3. Во тој случај се опфатени сите категории што постојат. Тие не беа прифатени, се отишло на варијанта, јас бев брифиран, но не бев дел од процесот, се отишло на варијанта 42-42-8-5-3, но и тоа не е прифатливо за нив. Тоа значи трошки. Колку за илустрација, ние со двајца пратеници земавме повеќе пари за државно финансирање отколку со 6 пратеници, што нема никаква разумна логика “, изјави Апасиев.

Милошоски пак кажа дека власта ќе ги поднесе измените на Изборниот законик во собраниска процедура без членот 76-д за кого забелешки има Левица – со што остава простор на партијата да поднесе амандман според компромисот што го предложила на работната група, а истиот, како што најави, ќе го поддржат пратениците на владејачката коалиција.

Лидерот на СДСМ оцени дека Изборниот законик содржи сериозни решенија кои не се ниту европски ниту демократски и кои отвораат простор за злоупотреба на изборниот процес со електорнското гласање на дијаспората наместо како досега во дипломатско-конзуларните претставништва .

Милошоски му возврати дека бара алиби за следниот изборен пораз.

Девет независни граѓански иницијативи побараа итни измени на Изборниот законик со кои ќе се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии, за сите учесници да имаат фер, еднаков и реално достапен изборен процес.

Измените предвидуваат независните кандидати да мора да соберат потписи од 0,8 отсто од регистрираните избирачи.