НГМ промовираше монографија „Никола Мартиноски до 1945“ од Кирил Пенушлиски
Националната галерија на Македонија (НГМ) денеска ја промовираше монографијата „Никола Мартиноски до 1945“ - истражувачки проект на Кирил Пенушлиски. Тоа беше прв настан од трите кои овој месец НГМ ќе ги организира за Мартиноски - на 11 мај во Мала станица ќе биде отворена изложба на фоторепродукции на дела од Мартиноски од 1919 до 1929, а на 16 мај авторот Пенушлиски ќе одржи предавање „Од Мартин до Мартиноски“.
Кирил Пенишлиски (1977), кој му е внук и го носи името на основоположникот на науката за фолклор во Македонија, и е син на академскиот сликар Илија Пенушлиски, рече дека монографијата е прв дел од истражувањето за Мартиноски, за кого во воведот на изданието истакнува дека е несомнено најголемиот и најважниот македонски уметник на 20 век.
- Ова дело произлегува колку од повеќегодишно истражување на уметноста на Мартиноски, толку и од повеќедецениско дружење со неговите слики. Англичаните имаат еден израз - labor of love - и тоа е навистина оваа книга. Јас години поминав по правливите архиви, како во Македонија, така и во другите југословенски републики, трчајќи по колекции кои повеќе не постојат, евидентирајќи ги сликите кои не знаевме каде се, за да се појави оваа книга, рече Пенушлиски. Додаде дека се надева за некоја година да биде промоцијата и на вториот дел кој ќе го опфати творештвото на Мартиноски од 1945-та до неговата смрт во 1973 година.
Академик Влада Урошевиќ, кој и самиот лично го запознал Мартиноски и го посетувал неговото ателје, рече дека студијата на Пенушлиски се надоврзува на студијата за Мартиноски на проф. Борис Петковски од пред 35 години. Иако донесува некои нови сознанија таа, рече Урошевиќ, не ја негира претходната, туку е комплементарна и е во дијалог со неа, резултат е на интересирањата и потребите на новите генерации.
- Вистинските вредности во една култура секогаш одново побудуваат интерес и секогаш одново им даваат можност на новите генерации да откријат една нова, своја визура во пристапот кон тие вредности. Во оваа книга присуствуваме на едно повторно откривање на оваа голема тема која го претставува делото на нашиот сликар... Делото на Никола Мартиноски е толку богато што не може да биде исцрпено низ само еден приод и низ само една студија. Сегашната монографија донесува низа мошне значајни сознанија за делото на Мартиноски кои не беа присутни во книгата на Петковски. Ова е добро за македонската култура, покажувајќи ја својата способност да се возобновува низ континуитет, истакна Урошевиќ.
Монографијата има пет дела, почнувајќи од биографијата на сликарот во која, според промоторот Урошевиќ, може да се насети симболика за исклучителноста на Мартиноски - како тоа дека бил роден во Крушево во деновите на Илинденското востание или дека првите практични поуки во сликарството ги добил од Папрадишки. Според промоторот, Пенушлиски открил досега непознати факти за букурешкиот период на Мартиноски и за влијанието на париската ликовна школа од престојот во Париз (1927-1928) кој рече длабоко бил втиснат во неговата уметничка меморија. Посочи и на честото навраќање на сликарот кон експресионизмот, како што рече, „негова никогаш докрај непрележана болест“. - Во тоа и такво видување на светот, тој ќе ги постигне врвните резултати, додаде Урошевиќ.
Во поглавјето „Сликарски теми и мотиви“ Пенушлиски го опфатил циклусот цртежи со молив на хартија именуван „Цвеќиња на злото“, а пишува и за фреските што Мартиноски ги насликал за скопската кафеана „Океан“ во 1930-тите години, кои исчезнале со нејзиното исчезнување. Овие сега веќе непостоечки дела на Мартиноски кои биле еротски насочени според Урошевиќ се интересни зашто ги покажуваат личните афинитети на сликарот и неговите обиди со отстапки да го ублажи судирот кој поради нив ги имал со власта. Меѓу другото, Пенушлиски во монографијата објавил и две песни кои Мартиноски ги напишал на српски јазик.
- Книгата на Кирил Пенушлиски е мошне темелно и промислено составена. Таа претставува една цврста и логична градба којашто постепено ја открива својата содржина пред читателот, додаде Урошевиќ.
Аакадемскиот сликар Рубенс Корубин подвлече дека се што е напишано во книгата е резултат на детаљни анализи, проследено со многу факти кои се уредно третирани и лоцирани.
- Пенушлиски ни претставува два нови момента за Мартиноски: првиот - експресионизмот е во неговата природа и се појавува во неговото творештво пред да се сретне непосредно со делата на неговите веќе познати современици Кислинг и Модилјани. Вториот момент - неговото сликарство се темели на бројни студиски цртежи кои самите стануваат тема за сликање, рече Корубин.
Директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими рече дека е горда и почестена што е организатор на настанот посветен на човекот кој бил прв директор на Уметничката галерија во Скопје.
- Можете да замислите јас како директор со која возбуда ја поздравувам оваа монографија и изложбата што ќе следува. Посебно сум горда на личности коишто оддаваат почит и одвојуваат време за творештвото на нашите големи уметници, како што е Никола Мартиноски, истакна Старова-Ќерими.
Авторот Кирил Пенушлиски (Скопје, 1977) дипломирал историја на уметност со филм и филмска теорија во САД, магистрирал историја на уметност во Единбург, докторирал на Националниот институт за уметност во Париз во 2013 година. Визитинг-професор е на академијата Нова во Белград и професор по историја на уметност на ЕСРА-Скопје. Автор е или коавтор на други изданија од областа на уметноста, а има објавено и трудови за стрип и за филм.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Столе Наумов
-
Пулмологија полна – Загадениот воздух причина за повеќе пациенти со компликации
-
Донација од Прилепска пиварница
-
Прво подготвителна седница па конечна одлука - Уставен следната година ќе одлучува за законот за јазици
-
ДУИ се заканува со нови протести – ВРЕДИ слави
-
Обвинителството оформи предмет за Груби и Беџети, истражува кој плаќал и кој земал поткуп
-
Ахмети: Ако се докаже корупција, Груби сам ќе ја напушти ДУИ
-
Лајчак: Искористете ја шансата за влез во ЕУ, да не останете запоставени