Македонија
11. July 2022 - 13:51

Невреме ја попречува потрагата по третиот Македонец, Мартин

Невреме на Халкидики ја отежнува спасувачката акција за пронаоѓање на 28-годишниот Мартин кој во саботата попладне исчезна во водите на Егејското Море кај Посиди на Халкидики. Двајцата негови другари, Васил и Иван, се веќе пронајдени и се надвор од животна опасност.

Денеска на Халкиди се очекува да пристигне и семејството на Мартин од САД, јавуваат грчките медиуми.

Во саботата попладнето, по роденденската забава за Иван (30), тројцата другари, и Васил (25) и Мартин, решиле да се избањаат кај Посиди. И одговорните лица и мештаните велат дека тоа место било опасно за капење поради опасните морски струи. Но тоа никаде не било обележано, информираа туристи за Сител. Спасувачките екипи најнапред го пронајдоа Васил кратко откако беа повлечени од струите, за што подоцна информираше и самиот Брезовски за Сител. Вториот Македонец, Иван е пронајден после 19-часовна потрага, кој успеал да се спаси држејќи се за топка која случајно ја пронашол во морето. Подоцна, градоначалничката на Касандра објави фотографија од топката која му го спаси живото на 30-годишниот Иван.

Од утрово спасувачките екипи се борат и со невремето, силните ветришта се со јачина и до 7 бофори. Спасувачите планираат да постават и подводен дрон што значително ќе помогне во потрагата.

Претходно, од македонскиот конзулат во Солун, во телефонски разговор за Сител информираа дека потрагата ќе трае се дур не се пронајде и третото момче. Утринава од македонското Министерство за надворешни работи информираа дека потрагата по Мартин продолжува.