Македонија
16. March 2017 - 16:00

Невработеноста во општина Аеродром за десеттина години речиси преполовена

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, заедно со директорката на Агенцијата за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска денеска ја посетија компанијата за печатење и графички услуги „Просолушн“, која, како што истакнаа, е еден успешен пример во општината за вработување со поддршка на Владата на Република Македонија.

Оваа компанија преку кредитирање и финансиска поддршка на правни субјекти оваа вработила 10 лица преку Агенцијата за вработување.

- Паралелно со мерките на Владата за намалување на невработеноста, Општина Аеродром работи на создавање капацитети за отворање нови работни места, изјави градоначалникот Коневски.

Како примери ги посочи изградбата на ТЦ „Капитол“, СЦ „Јане Сандански“, хотелот „Русија“, кои, како што рече, продуцирале 500 нови работни места.

Најави дека наскоро се очекува отворање на уште 50-тина вработувања со изградбата на Тенискиот центар покрај Вардар, како и дополнителни вработувања со завршувањето на изградбата на хотелот „Хилтон“.

- Најзначаен е фактот што преку своите програми Владата мошне успешно и константно врши намалување на невработеноста, што мора да се признае, е еден од најголемите, ако не и најголем проблем, не само во Општина Аеродром, туку и во целата држава, рече Коневски.

Според последните статистички податоци со кои располага општината, за 10 години невработеноста во Аеродром е преполовена. Во Општина Аеродром на крајот на 2016 година имало 4.035 невработени лица, односно лица кои активно или пасивно бараат работа, за разлика од 2006 година кога имаше 7.601 невработен.

Пред две години во Општина Аеродром беше отворена дисперзирана канцеларија на Центарот за вработување на Град Скопје, со цел да се доближат услугите на Агенцијата за вработување до невработените лица и работодавачите. Локацијата на оваа Канцеларија се наоѓа во населбата „ Јане Сандански“ зад некогашниот Мекдоналдс.

Општина Аеродром, исто така, ја промовира Агенцијата и нивните активни мерки за вработување на својот веб- портал за поддршка на бизнисот во Општина Аеродром.