Македонија
10. July 2024 - 16:39

Нема да се раскине договорот

Нема раскинување на договорот со Бехтел и Енка. Новата Влада ќе се обиде да извлече што е можно повеќе од него и да бара повеќе километри автопат. Министерот за транспорт и врски вели дека досега исплатени се 240 милиони евра за подготвителни работи, па државата би ги загубила овие пари доколку Договорот биде раскинет.

Иако од опозиција Николовски бараше претходната влада да го објави, Договорот ќе остане класифициран и натаму. Вели, самиот Договор бил така направен, двете страни да мораат да се согласат за да се декласифицира.

Опозициската СДСМ реагира дека на почетокот на мандатот владата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека едно зборувале како опозиција, а друго прават сега кога се на власт.

- Во бројни изјави, речиси хистерично ВМРО-ДПМНЕ велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е штетен и дека е пљачка на народот. Денеска Александар Николовски се тоа го фрли во вода, пу пу не важи. Од денеска е се различно, велат од СДСМ.

Николовски е убеден дека Владата ќе успее да го фати законскиот рок и за историскиот автопат Кичево – Охрид кој се гради повеќе од една деценија.  Вели, таму има многу проблеми и ќе мора да се дислоцираат повеќе објекти кои се веќе изградени на самата траса.

-Во однос на изградбата на автопатот има бројни проблеми. Ние ги детектираме во моментов. Дел се поврзани со експропријација, дел со проектирање косини, дел со објекти кои се на самата траса, пред се бензински пумпи, кои треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Тоа што можам да кажам еКако ќе правиме, ќе правиме, ветувањето коешто го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, тоа го напишавме и во нашата програма, ќе го реализираме и до крајот на 2026 година проектот ќе биде завршен, вели Николовски.

Во март годинава претходната влада донесе нов анекс на договорот со кинеската „Синохидро“ според кој автопатот треба да биде готов до 31 декември 2026.

Најголем проблем бил проектирањето на автопатот. Деканот на Градежниот факултет тврди дека проектирањето е почнато уште во 1999 година и дека доколку тоа се правело денеска работите ќе биде поразлични.

-Наравоучение на она што се случува со автопатот Кичево – Охрид е тоа дека проектирањето на вакви сериозни инфраструктурни проекти, особено линиски инфраструктурни проекти заслужува многу поголемо внимание, многу поголем рок на проектирање за да што поподготвени се влезе во фаза на изработка на проекти.  Има многу елементи таму коишто се специфични од различни аспекти, меѓутоа генерален заклучок може да се произнесе дека проектирањето е исто така многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции, вели деканот Горан Марковски.

За тешката финансиска состојба во која се наоѓаат Пошта и Железници, министерот Николовски вели дека вработените ќе ги добиваат плата, но истражните органи ќе треба да ја испитаат презадолженоста на овие компании. Вели, се работи на план за реструктуирање на постојните долгови и постигнување нивна профитабилност.

Железници инфраструктура доби и ново раководство. Со компанијата ќе раководи Синиша Ивановски, поранешен директор на скопското претпријатие „Улици и патишта“. Во компанијата е избран и нов состав на Управниот одбор.