Свет
4. July 2016 - 13:40

Нема Брегзит без одлука на британскиот Парламент

Британска адвокатска фирма, која е ангажирана од група домашни бизнисмени и професори за да обезбеди правно толкување на Брегзит, соопшти дека без одлука на Парламентот, не може да се покрене процесот на формалното заминување на Британија од ЕУ.

„Би било нелегално за еден британски премиер, да го започне процесот на раздружување со ЕУ, според членот 50 од Лисабонската спогодба, без расправа и гласање во Парламентот во Лондон„ се вели во толкувањето на фирмата, јави Би-Би-Си.

Според правната фирма, британскиот Устав налага одлуката за покренување на одредбите од член 50 да му се препушти на Парламентот, а не на извршната власт, која доколку се реши на тоа, без гласање во Вестминстер, би било незаконско и спротивно на уставните одредби.

Мнозинството од британските пратеници од владејачката конзервативна партија, лабуристите, либералдемократите, пратениците од Шкотската национална партија (СНП) и од велшката национална Плаид Кимру, Зелените и северноитската Шин Феин, се против напуштањето на ЕУ.

Во дебатата во Парламентот теоретски тие може да гласаат против Брегзит и да го блокираат британското излегување од ЕУ, но таквата ситуација, иако сосема реална, изгледа уставно незамислива.

Објаснувањето на адвокатската фирма вели дека во правна смисла, референдумот од 23 јуни не сменил ништо, но дека изменил многу политички.

ЕУ уште веднаш по соопштувањето на резултатот од референдумот, се заложи за побрзо раздружување и против развлекувањето на целиот процес. Брисел од порано соопшти дека Брегзит значи британско напуштање на ЕУ и тоа е завршена работа.

Актуелниот премиер Дејвид Камерон кој поднесе оставка откако загуби на референдумот, започнувањето на раздружувањето со ЕУ и преговорите предвидени со член 50 му ги препушти на неговиот наследник.

Толкувањата на адвокатската фирма доаѓаат по масовните протести во Лондон на противниците на Брегзит и нивното барање, пратениците и Парламентот да го спречат заминувањето на Британија од ЕУ.