Свет
3. February 2025 - 8:09

Неформален Самит на ЕУ посветен на одбраната на Европа

Прашањата поврзани со европската одбрана и зајакнувањето на одбранбените капацитети на Европа ќе бидат тема на денешната неформална средба на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ во палатата Егмон во Брисел, на која се поканети и британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

 Неформалниот Самит на ЕУ се одржува во актуелниот безбедносен амбиент што се карактеризира со руската аграсија врз Украина, зголемениот број хибридни и кибер напади врз земјите членки и тензичната ситуација на Блискиот Исток.

 Во поканата упатена до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека ефикасната одбрана е „заедничко добро“ од корист на сите Европејци.

 – Руската агресија врз Украина ја врати војната со висок интензитет на нашиот континент, кршејќи ги основните принципи на меѓународното право и загрозувајќи ја европската безбедност заедно со зголемениот број хибридни и кибер напади врз земјите членки и нивните економии и општества.

Мирот во Европа зависи од тоа Украина да постигне сеопфатен, праведен и траен мир.

Овој геополитички контекст, заедно со ситуацијата на Блискиот Исток, ќе остане предизвик во догледна иднина, наведе Кошта.

 Од тој аспект, врз основа на принципите дека Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и дека зајакнувањето на безбедносната соработка на европско ниво е во заеднички интерес, се очекува дискусијата на средбата да биде фокусирана на развојот на одбранбените капацитети на ЕУ, на изнаоѓање на средства за финансирање на одбраната и безбедноста и на зајакнување и продлабочување на партнерствата со сојузничките земји.

 – Целта на овој состанок е да се подготви теренот за одлуките што ќе треба да ги преземеме и да им се дадат насоки на Комисијата и високиот претставник во подготовката на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, која ќе ги опфати заедничките одбранбени иницијативи и ресурси неопходни за нивно развивање, наведува Кошта во поканата, додавајќи дека прашањата поврзани со европската одбрана ќе бидат тема за дискусија и на јунскиот Самит на ЕУ.

  Во тој контекст, се очекува лидерите да разговараат и за поврзаноста меѓу зголемениот обем на инвестиции во одбраната и зајакнувањето на севкупната економска конкурентност и кохезија на ЕУ.

 – Целта за зајакнување на европската одбрана треба да се има предвид во сите релевантни политики на Унијата, додава Кошта.

 Според него, дискусијата на овој неформален Самит треба да се заснова на два главни принципи – дека Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и дека одговорноста за сопствените вооружени сили останува на секоја од земјите членки на ЕУ.

 – Европа треба да стане поотпорен, поефикасен, поавтономен и посигурен безбедносен и одбранбен актер.

Притоа, таа ќе стане и посилен трансатлантски партнер, вклучително и во рамките на НАТО, со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји членки и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји членки, посочува Кошта во поканата.

 Тој нагласува дека во последниве години земјите членки на ЕУ веќе ги зголемија трошоците за одбраната, но потребни се значителни дополнителни одбранбени инвестиции за да се надополнат залихите, да се надгради подготвеноста за одговор на широкиот спектар на закани и да се зајакне европската одбранбена технолошка и индустриска база.

 Според Кошта, поблиската одбранбена соработка на европско ниво е заеднички интерес, со цел да се намалат трошоците, да се гарантира интероперабилност, да се обезбеди стабилна и долгорочна побарувачка и предвидливост за одбранбената индустрија и да се спречи дуплирање.

 Тој посочува дека ако дејствуваат сами, одделни земји членки не ќе можат да го постигнат нивото на инвестиции потребни за зајакнување на одбранбените капацитети.

 – Зголемените инвестиции во одбраната, исто така, мора да придонесат за зајакнување на севкупната економска конкурентност и кохезија на ЕУ, преку изградба на индустриски сектор способен да ја развие својата технолошка извонредност низ Европската Унија и да придонесе за создавање работни места, смета Кошта.

 Тој најавува дека на работниот ручек на Самитот го поканил генералниот секретар на Алијансата, Руте, за да разговара со европските лидери за најитните прашања поврзани со одбраната, пред се околу поддршка за Украина, како и за соработката меѓу ЕУ и НАТО.

 На работната вечера, пак, Кошта го поканил британскиот премиер Стармер, што ќе биде негова прва средба со сите 27 лидери на земјите членки на блокот и ќе биде можност да се разговара за одбранбената соработка во пресрет на Самитот ЕУ-Велика Британија, што треба да се одржи пролетва.

Инаку, овој неформален Самит на ЕУ беше закажан за во замокот Шато де Лимон во близината на белгискиот град Лиеж, но минатиот понеделник Европскиот совет соопшти дека е решено тој да се одржи во бриселската палатата Егмон, врз основа на „ажурирана проценка на мерките потребни за обезбедување на местото на одржување“.