Не стивнуваат реакциите за изборот на Ислам Абази на местото на Русковска
Заедничките фотографии со функционери на ДУИ, ја засенија се уште непочната кариера на Абази како обвинител за гонење криминал и корупција. Собранискиот спикер од редовите на ДУИ вели дека неспорни се познатствата, но не значат и политичко влијание.
„Ние сме мала држава, ако одиме во рамки на тоа, дали се познаваме или не се познаваме, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот кој што ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Во тој контекст, не е спорно дали ние се знаеме или не, Тие се посебна власт и секој поинаков кометнар е на штета на системот, а не во смисла на она кои се релациите“, изјави Талат Џафери, Претседател на Собрание.
Но, така не мислат антикорупционерите. Се сомнева дека зад блискоста со лица од политиката, можно е да се крие влијание при изборот на обвинителот. За Антикорупциска, спорен е целиот процес, бидејќи како што велат, недостасувале критериуми. Сликата за Абази, треба да ја формираат неговите постигнувања како обвинител и програма за работа на обвинителството, вели Ивановска.
„Во отсуство на сите овие работи што ги набројав, останаа само сликите со блиски лица во партијата што остава простор да веруваме дека постоело некакво влијание. Не можеме да докажеме кој им наметнал на обвинителите така да гласаат, меѓутоа во отсуство на критериуми, остава простор да помислуваме дека постоело некакво влијание. Да му дадеме простор на човекот, меѓутоа, сликата досега не е поволна. Тој треба да вложи многу повеќе енергија за да докаже дека има интегритет и има енергија да се избори со корупцијата“, вели Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК.
Министерот за правда признава дека моделот за избор укажува на слабости, па како што вели Тупанчевски, добро е да прецизираат и дополнителни критериуми. И тој ги видел фотографиите кои укажуваат на блиски релации со фунцкионери на ДУИ, но дали е под политичко влијание ќе се покаже во следните четири години, смета Тупанчевски.
„Ги видов тие фотографии кои имплицираат дека обвинителот кој е избран има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија. Времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали навистина овие претпоставки кои се пласираат после неговио избор имаат реална основа“, изјави Никола Тупанчевски, Министер за правда.
Сега и Советот на Јавни обвинители кој го организираше изборот смета дека недостасувале критериуми за тоа кој може да биде избран за шеф на обвинителството. Велат имале свои предлози, ама не биле внесени во законот.
„Во овој случај, сакајќи да се даде поголема демократија, односно демократското право на избор, се заборавија останатите правила и критериуми. Ние се согласуваме во целост дека треба да има законски измени. Се работи за двотретински закон кој овде делува како набрзина да бил составен и донесен. Советот беше маргинализиран до тој степен, да биде претворен само во комисија за избори“ вели Антонио Јолевски, Претседател на Совет на јавни обвинители.
Вчера и Абази рече дека не гледа проблем во дружбата со функционери, иако не бил сигурен дали се среќавал и со лидерот на ДУИ.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
