Напаѓачот во Хамбург бил поранешен Јеховин сведок
Напаѓачот кој синоќа во Хамбург уби седум членови на заедницата на Јеховините сведоци, а потоа се самоуби, порано и самиот припаѓал на оваа заедница и имал дозвола за носење оружје, соопшти полицијата во Хамбург.
– Никогаш не сме виделе масакр од вакви размери во Хамбург, рече Енди Гроте, сенатор за внатрешни работи на градот-сојузна покраина Хамбург. Тој објасни дека полицијата била на местото на настанот само четири минути по првиот повик. Тој оцени дека брзото пристигнување на полицијата „спасило многу животи“. На состанокот во зградата имало околу 50 луѓе.
По пристигнувањето на полицијата, напаѓачот побегнал на првиот кат, каде си го одзел животот, соопшти Гроте.
Пред тоа, напаѓачот уби седум лица, меѓу кои, како што објасни Гроте, и едно неродено дете. Меѓу убиените има четворица мажи и две жени, сите германски државјани. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко.
Напаѓачот е 35-годишниот Филип Ф., германски државјанин, кој порано бил член на заедницата на Јеховините сведоци и поседувал оружје за кое имал дозвола која му била издадена во декември минатата година.
– Според сегашните сознанија, Филип Ф. не ја напуштил заедницата на Јеховините сведоци во најдобри односи, рече Томас Радзувајт, претставник на Канцеларијата за криминални истраги во Хамбург.
Полицијата пред неколку месеци добила анонимна пријава со која бара одземање на дозволата за носење оружје на Филип Ф., со образложение дека се работи за ментално болно лице „полн со гнев против верските заедници и неговиот поранешен работодавец“, но по при проверка, не се пронајдени детали кои би оправдале одземање на дозволата за носење оружје.
– При увидот во станот на Филип Ф., не се констатирани неправилности, а самиот сторител не оставил впечаток на ментално болно лице, изјави Ралф Мартин Мајер, претседател на полициската управа во Хамбург.
При ноќниот претрес на станот на сторителот е пронајдена и поголема количина муниција, соопшти Ралф Петер Андерс од Државното правобранителство во Хамбург. Како што беше кажано, напаѓачот до сега не им бил познат на властите.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој и самиот долги години ја извршуваше функцијата градоначалник на Хамбург, изрази сочуство преку објава на Твитер.
„Моите мисли се со жртвите и членовите на семејствата. И со безбедносните сили кои ја извршија оваа тешка задача“, напиша Шолц.
Ново на Сител
-

Николоски: Градски воз ќе има, ветивме од 1 септември и од 1 септември ќе оперира
-

ЦУК: Три активни пожари на отворено, еден под контрола и осум изгаснати
-

Норис ја освои пол-позицијата на унгарското Гран при
-

Кражба од големи размери во електровлечната подстаница Драчево
-

ОЈО Прилеп отвори истрага против референт во Центарот за вработување за поткуп од 18.000 денари.
-

Муцунски го обвини Османи за извртување на фактите и избегнување одговорност
-

55 годишна жена пронајдена почината во коритото од чешмата во село Копаница
-

Панел дискусија за органодарителство, за трансплантација на срце чекаат 29 пациенти, 12 за црн дроб, 160 за бубрези
