Македонија
20. јуни 2017 - 14:51

Нападната вработена во крим-техника во ПС Кочани

Вработена во крим-техника во полициската станица во Кочани вчера во 15.45 часот била нападната додека се движела кон улицата „Киро Кикенски“, каде требало да се врши увид.

Како што соопшти денеска полицијата, таа забележала едно лице како врши кражба од зграда на градежното претпријатие „Бетон“. Застанала и се упатила кон сторителот, кој кон неа замавнал со секира. Успеала да го избегне ударот, а сторителот ја турнал на земја и ја удрил со нога, нанесувајќи и телесни повреди кои се констатирани во Општата болница во Кочани.

Во врска со овој настан во ПС Кочани, во присуство на родител бил приведен 15-годишник од Кочани, кој по извршениот разговор бил ослободен.

Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Кочани. За настанот е запознаен јавен обвинител.