Бизнис
28. September 2023 - 16:50

Намалени давачки за увоз на овошје и зеленчук

Евтино овошје и зеленчук ќе јадеме од соседните земји. Владата ги зголеми квотите за увоз на лимони, портокали, мандарини и грејпфрут, а ги намали увозните давачки од 65 на 10% за оризот, морковите, карфиолот, тиквиците, брокулата и кромидот.

Одлуката е донесена откако утврдиле дека трговците наместо дома, овошјето и зеленчукот го пласираат во Србија, Косово и Грција, а недостигот кај нас се надоместува со увоз, кој поради високите царини се  поскапи. Намалени се и царините за увоз на домати, пиперки и краставици, но ќе се применуваат од крајот на декември до крајот на февруари. Според министерот Бектеши, со ова им се дава простор на домашните трговци да се вразумат, затоа што државата губи пари, а граѓаните трпат.

- Добро е што има зголемен извоз на земјоделски производи, но примарен треба да е нашиот пазар. Нашите трговци повисоки цени добиваат во соседните земји и преферираат да продаваат надвор од државата со што ние како држава двапати губиме – недостатокот го надоместуваме со увоз, за што се плаќа царина од 65 отсто. Така, пиперките наместо 100 денари веднаш чинат 165 денари без трговските маржи. Сакавме да ги заштитиме граѓаните и затоа ги донесовме овие мерки денес, вели Бектеши.

Во исто време поскапуваат папајата, авокадото, мангото, месото од ирваси, лососот, школките, кавијарот, тофи сирењето, со сина мувла, маслото од палма и кокосовиот орев. ДДВ-то на овие производи, кои се сметаат за луксуз наместо 5 ќе се зголеми на 10%.

Сите одлуки стапуват на сила веднаш, освен кај доматите, пиперките и краставиците, чии царини ќе паднат по Нова година.