Свет
27. May 2020 - 17:29

Наезда од огромни пустински скакулци ја погоди Индија

Скакулците уништиле речиси 50.000 хектари посеви и ги тераат властите да се соочат со најголемата наезда од 1993-та година.

Како што јавува "New York Times", повикувајќи се на изјави на научници, климатското затоплување ја влошило оваа наезда.

Најлоша наезда во последните 25 години. Медиумите разговарале и со вработен на голф-терен во Јаипур, кој им кажал дека видел рој скакулци оваа недела и дека, кога наишле, небото наеднаш добило необично розова боја.

„Го нападнаа голф теренот", тој веднаш им јавил на своите вработени, кажувајќи им дека ги има милиони.

Научниците велат дека станува збор за најлоша наезда во последните 25 години, но и дека овој пат и самите скакулци се поинакви.

„Овој пат напаѓаат многу млади скакулци, кои можат да летаат подалеку и кои се побрзи", вели К.Л Гурјар, заменик директор на Организацијата за предупредување за скакулци во Индија.

Дошле во Индија преку Пакистан и Иран и се упатиле кон урбаните подрачја за да јадат грмушки, дрвја и некое друго зеленило.Тоа беше облак од скакулци.

Во понеделникот минале преку Јаипур, град во кој живеат четири милиони луѓе.

Никхил Мисра, адвокат во Јаипур, рекол дека излегол од дома во околу 10 часот и на земјата видел сенка.

„Тоа беше нешто што никогаш во животот не сум го видел. Видов облак, но не обичен облак, туку облак од скакулци, илјадници и илјадници од нив над мојата глава. Тоа беше тивок напад и чуден страв, како да ве напаѓаат вонземјани", рекол тој за "New York Times".

Научниците ги обвинуваат климатските промени. Научниците велат дека за ова се виновни климатските промени.

Рокси Метју Кол, научник од индискиот Институт за тропска метеорологија, рекол дека ваквите настани почнале кон крајот на 2019-та година.

„Тогаш во Индискиот океан водата беше топла, а тоа донесе до многу дождови во источна Африка и на арапскиот полуостров. Тоа создаде идеални услови за размножување на скакулци", вели тој.

Скакулците во Индија се проблем со кој владата сака да се занимава регионално, па пристапиле на тоа да се заборават некои недоразбирања со Пакистан за граничното подрачје заедно да се третира со пестициди. Индија истото му го понудила и на Иран, кој таа понуда ја прифатил.

Индиските научници велат дека ројот скакулци минува по 200 километри дневно, а може да изеде храна како за 35.000 луѓе.