Над 200 илјади родители и старатели може да пристапат до Е-дневникот преку мобилна апликација
Министерството за образование и наука денеска промовираше мобилна апликација за пристап до електронскиот дневник (Е-Дневник) наменет за над 200 илјади родители и старатели, што ќе им овозможи брзо и лесно да го следат образовниот напредок на децата.
Министерката Весна Јаневска рече дека апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
-Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца, рече Јаневска.
Министерката посочи дека сите податоци кои се внесуваат во електронскиот дневник се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од која било учебна година наназад.
-Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците, потенцираше министерката.
За каква било корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса http://ednevnik@ednevnik.edu.mk.
Со цел намалување на административната работа на наставниците, Јаневска информираше дека податоците од електронскиот дневник ќе ги печатат само еднаш годишно, односно на крајот на учебната година, наместо месечно како што беше досега.
Министерката соопшти и дека наскоро ќе почне пилотирање на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
-Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање на странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавачи. Паралелно продолжуваме со обезбедување на квалитетна ИТ-инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците, додаде Јаневска.
Дел од образовните услуги се целосно дигитализирани. Од оваа учебна, односно академска година, првпат целосно електронски се спроведуваат постапките за аплицирање и стекнување ученички и студентски стипендии и за сместување во ученички и студентски домови. Повеќе нема доставување на хартиени документи ниту од апликантите, ниту хартиени решенија за прифаќање или одбивање од страна на Министерството.
Ново на Сител
-
До крајот на месецов треба да биде готова новата методологија за потрошувачката кошничка, вели Дурмиши
-
Пожар во една од највисоките згради во Буенос Аирес
-
Дурмиши: Утре или најдоцна задутре треба да се достави Предлог-одлуката за ограничување на маржите до Владата
-
Русија е подготвен да произведува авиони од петта генерација Су-57 во Индија
-
Зеленски подготвен за размена на територии со Москва: Украински области заземени од Русија во замена за Курск
-
Коцевски: Моето постапување во случајот со Вишото јавно обвинителство е согласно закон
-
Данската разузнавачка служба предупредува дека Русија може брзо да се подготви за војна во Европа
-
Обновата на Газа ќе чини повеќе од 53 милијарди долари