Над 11.000 загинати во поплавите во Либија
Бројот на загинати во разорните поплави кои го погодија источниот либиски град Дерна се искачи на 11.300 додека уште 11.000 луѓе се водат како исчезнати, соопштија либиските друштва на црвената полумесечина. Оттаму велат дека многу исчезнати луѓе биле закопани под калта, остатоците од рушевините или однесени во морето.
Во меѓувреме итниот и спасувачки центар на Дерна ја подигна вонредната состојба во градот на највисоко ниво, а во градот е дозволен влез само на спасувачките тимови. Јавноста е бесна поради наводите дека од граѓанската војна во 2011 година овие две брани во Дерна не биле одржувани и дека властите ги занемарувале предупредувањата дека браните се наоѓаат во лоша состојба.
Светската метеоролошка организација кажа дека најголем дел од жртвите можеле да се избегнат доколку жителите навреме биле предупредени и имале можност да избегаат. Наместо тоа локалните власти им сугерирале на луѓето да останат во своите домови додека дождовите се засилувале дури вовеле и полициски час.
Силната бура „Даниел“ во неделата ја погоди Либија откако претходно ги зафати Грција, Бугарија и Турција каде што исто така имаше жртви.
-
Бранислав Јанески
Сите содржини од овој новинар