Бизнис
6. September 2017 - 19:40

Над 100 котирани компании оствариле добивка од 81 милион евра во првото полугодие годинава

Компаниите котирани на Македонската берза оствариле вкупна нето добивка од 81 милион евра во првата половина од годината.

Според податоците на берзата, тоа е зголемување од 7,47% во однос на истиот период лани. 

При тоа, од вкупно 102 котирани друштва кои доставиле неревидирани финансиски извештаи, 73 објавиле дека имаат добивка, додека 29 известиле дека работеле со загуба. 

Гледано по сектори, најголема нето добивка имало банкарството. На 7 од 8 котирани банки отпаѓа половина од добивката, над 42 милиони евра, што е за 14,68% повеќе од првите шест месеци во 2016. 

Во индустријата, 32 акционерски друштва направиле добивка од 15,43 милиони евра, а 10 пријавиле загуба, но кумулативно во овој сектор добивката е зголемена за 15,35%. 

Добивка од 11 милиони евра и раст на истата од 151,8% оствариле компаниите од секторот услуги. 

Фармацевските компании пак направиле профит од 6,58 милиони евра што е пораст од 7,70%. 

Најзначителен пад на профитот има кај друштвата кои работат во земјоделството. Тој изнесува 504 илјади евра и е намален за 55,46% отсто во однос на првото полугодие лани. Пад на добивката има и во трговијата со нафтени деривати.

Значително намалување од 36,25% има во котираните компании од градежништвото кои за шест месеци заработиле нешто под 3,2 милиони евра. 

Помала добивка бележат и осигурителните компании, додека единствен сектор со вкупен негативен резултат, или нето загуба од 2,8 милиони евра е трговијата. 

На најпрофитабилните 10 котирани друштва на Македнската берза отпаѓа 82,61% од добивката или 74,1 милиони евра. Членките на индексот МБИ 10 пак имаат добивка од 61,97 милиони евра што е за 20% повеќе од истиот период лани.