Македонија
4. September 2024 - 18:02

На преминот „Блато“ само во август минале над 97 илјади патници

На граничниот премин „Блато“,  еден од двата, што функционираат на македонско - албанската граница кај Дебар, во август годинава забележана е за над 10 отсто поголема фреквенција  споредено со истиот месец минатата година.

- Во август на влез и излез од земјава регистрирани се 97731 патник, од нив 50810 на влез и 46921 на излез од нашата земја. Минатата година на влез беа регистрирани 49099, додека на излез 41684 патници, информираа за МИА од македонското Министерство за внатрешни работи.

Зголемената фреквенција се должи на подобрената патна инфраструктура на албанска страна, по изградбата на автопатот Блато-Тирана, со што оддалеченоста е помала за повеќе од 100 километри и сега изнесува 72 километри.

На вториот граничен премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер фреквенцијата е речиси на исто ниво.

- На овој премин за влез се регистрирани 6103 патници од нив 3100 на влез, додека 3003 на излез. Минатиот август на влез се регистрирани 3058, а на излез 3055 патници, додаваат од МВР.

Овој премин во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот. Право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, што подразбира општина Дебар и областа Голо Брдо на албанска страна.