Македонија
26. September 2019 - 12:20

На новинарскиот збор да се одговори со збор, а не со прогон

Под ова мото денеска новинарите излегоа на протест пред Јавното обвинителство, во поддршка на својот колега Александар Митовски, главен уредник на порталот „Инфомакс“.

Митовски заработи обвинителен акт поради оддавање службена тајна, по објавувањето на исказот на бизнисменот Камчев во случајот „Рекет“.

Митовски посочи дека поднесениот акт против него претставува директен притисок врз слободата на медиумите и е наменет кон заплашување на новинарите.

Претставничката на МАН Ивона Талевска, во чија организација беше одржан протестот, рече дека последниот чин од Јавното обвинителство покажува дека медиумската слобода е длабоко загрозена, а  Македонија заедно со Турција се земји во кои се врши најголем притисок врз новинарската фела. Протестот продолжи пред Основниот суд, каде што исто така ќе биде искажано незадоволството од правното гонење на новинарите. На протестот беа присутни членови на новинарските здруженија во Македонија, а поддршка за протестот дошла и од колегите од регионот.

 

Горан Симоновски