На Детска хирургија за две години оперирани 160 бебиња со тешки аномалии
Министерството за здравство информира дека за две години на Универизитетската Клиника за детска хирургија во Скопје направени се 160 комплексни операции кај новороденчиња и бебиња со тешки вродени аномалии. Најмалиот пацинет кој е опериран на клиниката има само 1.300 грама.
Овие операции се во рамките на Проектот на Министерството за здравство за соработка на Клиниката за детска хирургија во Скопје и Универзитетската болница за детска хирургија "Пиргов" од Бугарија. Проектот почна пред две години и овозможи едукација и на нашите детски хирурзи и воведување на нови методи на хируршки интервенции. Претходно многу често се случуваше тешки случаи на аномалии кај мали пациенти, да се препепраќаат за операција во странство. Денес овие операции се прават успешно на Клиниката за Детска хирургија во Скопје.
Во рамките на последната работна посета, Министерот за здравство д-р Венко Филипче на Клиника за детска хирургија во Скопје се сретна со проф. д-р Цветко Георгиев и доц. д-р Христо Шивачев, двајцата од Универзитетската болница за детска Хирургија "Пиргов"кои последните две години со тим на наши детски хирурзи оперираат применувајќи нови методи од областа на торакална детска хирургија кај бебиња со тешки вродени неонатални аномалии.
На средбата на која беа споделувани искуства за работата, присуствуваа дректорот на Клиниката за детската хирургија, д-р Лазар Тодоровиќ и детскиот хирург д-р Јетмир Зибери кој го предводи нашиот тим хирурзи кој оперираат тешки вродени аномалии кај бебиња.
Во рамките на взаемната соработка, освен двајцата хирурзи од Бугарија кои доаѓаат и оперираат заедно со хирурзи од скопската клиника, лекари од Детска хирургија, заминуваат на обука и едукација во клиниката Пирогов во Бугарија.