Македонија
9. јуни 2021 - 16:43

На црна листа на САД и за непочитување на Преспанскиот договор и копрупција - Ќе има ли лица од Македонија?

САД ги става на црната листа сите кои нема да ги почитуваат Охридскиот и Преспанскиот договор. Во извршната уредба која вчеравечер ја потпиша американскиот претседател Бајден стои дека на црна листа се ставаат голем број политички и други фигури што ги подриваат мирот, стабилноста, демократијата и територијалниот интегритет на земјите на Западен Балкан, со посебно акцентирање на важноста на Преспанскиот и охридскиот договор, резолицијата 1244 на ОН и Дејтонскиот мировен договор. 

Уредбата, исто така, овозможува примена на санкции врз индивидуи и ентитети одговорни за корупција во регионот, вклучувајќи злоупотреба на јавни добра, експропријација на приватни добра за лична добивка или политички причини, или поткуп“, се вели во соопштението објавено од Белата куќа.

Санкциите кон оние кои ќе се најдат на црната листа опфаќа замрзнување на имотот и забрана за влез во САД. 

Според политичките аналитичари ова значи дека САД во враќаат интерсот кон регионот. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин смета дека ова е добар чекор кој треба да го обезбеди мирот и стабилноста, но испраќа и порака кон сите опфатени во корупциски скандали. 

Владата го поздрави потпишувањето на овој документ кој го штити и обезбедува почтување на договорите кои на Македонија и го отворија патото кон НАТО и ЕУ. Премиерот Заев во американскиот декрет препознава порака кон оние кои го кочат спроведувањето на овие договори. 

ВМРО-ДПМНЕ пак останува на ставот дека Преспаснскиот договор е асиметричен и спротивен на државните интереси. Милошоски ги повика Соединетите Американски Држави да се позанимаваат со корупцијата во највисоките редови на власта во земјава. 

Во острата реакција која ја испрати Левица се вели дека партијата и натаму ќе се спротивставува на сите договори кои ги рушат АСНОМ-ските постулати.

Лидерот на Партијата на ФБ иронично напиша – да се самопријавам на време, да не имате листа на чекање.

Европската комисија пак не го коментира документот кој го потпиша Бајден. МИА ја пренесува изјавата на портпаролот за надворешна политика  на Европската комисија, кој вели дека унијата засега нема намера да воведува слични санкции.