Македонија
10. March 2021 - 14:01

МВР: Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува со напорите за намалување на злоупотребата на мало и лесно оружје

Мисијата на ОБСЕ  во  Скопје и Министерството за внатрешни работи денеска започнаа нов проект насочен кон намалување на ризикот од нелегална трговија и злоупотреба на мало оружје и лесно оружје (МЛО). Новиот проект се надоврзува на резултатите од претходниот проект, спроведен во изминатите четири години со финансиска поддршка од Европската унија и германското Министерство за надворешни работи. Оваа активност му помогна на Министерството за внатрешни работи да ја надгради својата безбедносна инфраструктура на 15 гранични премини низ целата земја, да воспостави стандардни правила за управување со залихите на МЛО и да ја зајакне улогата на Националната комисија за МЛО.

 „Безбедноста на националните залихи на МЛО е од најголемо значење за зголемување на безбедноста на границата, придонесување во борбата против организираниот криминал и избегнување на понатамошна нелегална трговија, што на крајот придонесува за безбедноста на граѓаните во регионот и пошироко“, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која на отворањето на настанот за отпочнување на активноста.

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави: „Проблемот со неконтролирано ширење на мало и лесно оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесно оружје. Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални  и глобални настани. Од овој аспект примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми.

Ото Граф, заменик-шеф на мисијата во Германската амбасада во Скопје, истакна дека целта на овој проект е да го поддржи секторот за спроведување на законот на Република Македонија во развивањето своја професионална служба за подобро справување со транснационалните закани преку мало и лесно оружје како и во борбата против организираниот криминал.