Свет
17. February 2018 - 18:59

Мун Џе-ин: Се уште е рано за меѓукорејски самит

 Јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин денеска изјави дека смета оти се уште е рано за негова средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и покрај зближувањето на двете земји околу Зимските олимписки игри што се одржуваат во градот Пјонгчанг во Јужна Кореја. 

- Имам големи надежи дека ќе дојде до средба на врвот меѓу Северот и Југот, но сметам дека за такво нешто е се уште рано, изјави Мун.

На отворањето на Зимската олимпијада во Пјонгчанг минатата недела присуствуваше сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг, која беше прв член на семејството Ким што стапна во Јужна Кореја по Корејската војна.

За време на средбата со Мун, Ким Јо-џонг му врачи покана од нејзиниот брат Ким Џонг-ун да ја посети Северна Кореја.