Свет
7. July 2017 - 8:47

Мулет: Истрагата за хемискиот напад во Сирија е под политички притисок

Истрагата на Комисијата на Обединети нации и Органзиацијата за забрана на хемиското оружје, што треба да утврди дали на 4 април во Сирија е извршен хемиски напад, е под силен политички притисок, изјави синоќа главниот известувач Едмонд Мулет.

По седницата на Советот за безбедност на ОН, Мулет се пожали дека истратата „е многу политизирана“ и оти заинтересираните страни се обидуваат да влијаат врз работата на Комисијата.

- За жал постојано добиваме директни и индиректни пораки од неколку држави, кои ни кажуваат како да ја вршиме работата. Некои од нив се многу јасни и ни кажуваат дека ако не работиме според нивните желби, нема да ги прифатат заклучоците на извештајот, наведе Мулет.

Според дел од дипломатите, притисокот е од Русија, но Мулет потенцира дека „пораките доаѓаат од секаде“, алудирајќи дека притисок вршат и некои западни земји.

- Притисокот доаѓа од повеќе од еден, а помалку од 20 извори, но сите тие се заинтересирани страни, посочи Мулет.

Тој додаде дека му поорачал на СБ на ОН да ги остават да ја вршат работата.

- Имаме високо професионална екипа. Го работиме тоа на независен начин, објехтивно, непристрасно и ќе ги претставиме резултатите во октомври, наведе Мулет.