Муцунски: Наш приоритет е отворањето преговори и што побрзо членство во Европската Унија

Наш неостварен стратешки приоритет е отворањето на преговорите и што побрзо членство во Европската Унија, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во гостување во вестите на Алсат ТВ, Муцунски посочи дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамки на европските институции и различните дебати што се водат.
-Ние секако ја следиме дискусијата, како и различните дебати што постојат, но во овој момент наш неостварен стратешки, надворешнополитички приоритет на државата е отворањето на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство во Европската Унија, нагласи тој.
Од аспект на начинот на кој се носат одлуките во Европската Унија, како што посочи Муцунски, за евентуална промена на методологијата или на правилата поврзани со проширувањето е потребен консензус.
-Според тоа што го слушаме, постојат повеќе различни идеи за тоа како одредени земји членки или групи на земји членки, па дури и Европската комисија, ја гледаат иднината на политиката за проширување. Но, она што е јасно е дека, барем во овој момент, нема консензус по ниту едно од овие алтернативни решенија, додаде министерот.
Коментирајќи го односот на опозицијата, Муцунски истакна дека станува збор за политички субјект кој го промени името на државата, вети дополнителни уставни измени и направи значителни национални отстапки со цел напредок кон европскиот пат.
-Осум години по тие отстапки, односно веќе се приближуваме кон десет години, државата сѐ уште нема започнато преговори со Европската Унија. Оттаму, резултатот од нивната политика најдобро се гледа преку она што го направиле и она што го постигнале, заклучи тој.
Муцунски додаде дека СДСМ како политички субјект нема апсолутно никаков кредибилитет да предлага политики во областа на надворешната политика.
-Веројатно подоблесно би било да се извини за сите грешки во минатото и да даде целосна поддршка на Владата, која се обидува да врати дел од позициите на национално достоинство, истакна Муцунски.
МИА
Ново на Сител
-

Тешка сообраќајка во Словенија, тројца Македонци загинаа
-

Редовна дератизација, дезинфекција и дезинсекција во сите училишта во Карпош
-

Бројот на жртви во земјотресот во Индонезија се искачи на 111, над 176.000 лица се раселени
-

Бела куќа: САД и Иран во моментот не преговараат за прекин на војната
-

Џордан Питерсон: Интелигенција е „како размислуваш“, а не „што мислиш“
-

Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, светот ова ќе го развива, прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот
-

Казни до 10.000 евра за трговците кои не се придржуваат на одлуката за намалување на цените на училишниот прибор
-

Почина Ратко Младиќ
