Македонија
17. November 2017 - 15:30

МТСП: Придонесите за членовите на вториот пензиски столб се исплаќаат без доцнење

Од септември годинава средствата од распределбата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување на 470 илјади членови во вториот пензиски столб без задоцнување се исплаќаат на нивните лични сметки во пензиските друштва, констатирал на денешната седница Советот за следење на состојбите во пензискиот систем членовите.

- Оваа состојба е резултат на претходно преземени активности на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии за законско постапување на институциите (Фонд на ПИОМ и МАПАС) во однос на роковите за пренесување на средствата од придонесот на индивидуалните сметки на членовите во двете пензиски друштва, се вели во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика.

На седницата членовите на Советот ја разгледале и Анализата на системска функционалност на интегрален пензиски систем и предизвици за повисоки комбинирани пензии. Анализата, како што информираат од МТСП, опфаќа пресек на актуелната формално-правна поставеност и системско функционирање на системот на двата пензиски столба, слабостите на постојниот пензиски систем, евидентирани системски проблеми поврзани со двата пензиски столба и предизвиците за кои ќе се предложат решенија на краток и среден рок.

Членовите на Советот ја усвоиле Анализата како добра основа за дефинирање на предлог законски решенија за обезбедување на одржлив пензиски систем и  стабилни пензии од двата пензиски столба.

Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, кој беше формиран со одлука на Владата на Република Македонија на 19 јуни годинава е составен од осум члена, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска-претседавач, Драган Тевдовски, министер за финансии, Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Крешник Бектеши, министер за економија, Зорица Апостолска, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Булент Дервиши, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Шаип Зенели, директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Давор Вукадиновиќ, генерален директор на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје