Може ли да се почувствуваат потреси и во Македонија?
Земјотреси со интензитет блиску до денешниот, подрачјето на Турција може да го тресат со месеци. Од Институтот за земјотресно инженерство велат изненадувачки е што по првиот потрес од 7,8 степени и следните имаат речиси идентична амплитуда. Се очекува, тие да зафатат и поширока територија.
„За земјотреси со ваква јачина, сигурно во подолг временски период, недели, а кај некои земјотреси и со месеци се забележува изразена сеизмичка активност која ќе ја чувствува и населението. За ваков земјотрес, сигурно ќе бидат потребни недели, ќе забележуваме потреси од пет, шест степени пред да почне тлото да се смирува“, изјави Влатко Шешов, Директор на ИЗИС.
Според Шешов, земјотресот во Турција не е изненадувачки бидејќи погодениот реон важи за сеизмички активен. Сепак, неочекуван бил интензитетот. ИЗИС ја исклучува можноста земјотресот во Турција да го разбуди тлото на Балканот.
„Оддалеченоста од Македонија, а и тектонскиот склоп, не припаѓаме ние на истото епицентрално подрчаје. Науката досега не бележи дека имаме некаква поврзаност, имавме земјотрес во Измир, да предизвикува некои последници на активирање на раседи во Македонија“, појаснува Шешов.
Од Институтот велат, науката доправа ќе го истражува драматичното тресење на тлото во Турција. Штетите ги сметаат за неизбежни, но појаснуваат дека квалитетните градби и подготовеноста на спасувачките служби можат да спасат многу човечки животи.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар