Македонија
7. August 2015 - 17:08

Млади француски и балкански новинари истражуваат по патот на Првата Светска Војна

12 млади новинари од Франција, Италија,Македонија и Албанија, деновиве патуваат, истражуваат и пишуваат по патот на Албер Лондр, француски новинар кој пред 100 години известувал и пишувал од македонскиот фронт за француските медиуми.

-Она што е карактеристично за проектот е тоа што се обидува да ги научи младите новинари на истражувачко новинарство, рече Ивана Димитровска, директор на АЛДА (Асоцијација на агенции за локална демократија).

Во бројните теми на истражување од Првата светска војна се и француските гробишта во Битола и Скопје, линијата на фронтот и рововите од Првата светска војна на територијата на Македонија.

-Ова е еден од бројните настани со кој што Франција и Француската мабасада ја одбележуваат 100 годишнината од Првата светска војна, рече почесниот конзул на Р. Франција во Р. Македонија, Калиопи Кривашија Стилиновиќ.

На патувачкиот семинар младите новинари практично ќе работат, под менторство на шест новинари кои се дел од познати француски медиуми.

-Овие млади новинари во 15 дена стануваат вистински професионалци и во својата новосоздадена редакција создаваат написи, видеа и фотографии и се занимаваат со теми што болат, рече познатиот француски новинар Алан Валентино.

Проектот по петти пат се реализира на иницијатива на организацијата „По стапките на Албер Лондр“ од Франција, со поддршка од областа Виши Оверњ и Регионот Долна Нормандија, а од македонска страна локален координатор на проектот е АЛДА, Асоцијација на агенции за локална демократија.

Емилија Сарафска