Македонија
17. January 2017 - 11:47

Миноски: Над 35 отсто од македонскиот извоз се произведува во ТИРЗ

Над 35 отсто од македонскиот извоз се продуцира во технолошко индустриските зони, а третина од извозот се машини и транспортни уреди – софистицирани производи, истакна министерот за финансии Кирил Миноски на годишната конференција „Euromoney“, која се одржува во Виена, на која учествува заедно со гувернерот на Народната банка Димитар Богов.
 
Како што соопшти Министерството за финансии, зборувајќи за придобивките од странските инвестиции во Македонија, Миноски ги истакна намалувањето на невработеноста, растот и диверзификација на извозот кон производи со додадена вредност, како и поврзувањето на странските и домашните компании. 
 
- Стапката на невработеност успеавме да ја сведеме од 38 отсто на 23,4 отсто. Отворени се 160.000 нови работни места. Странските директни инвестиции имаат голем удел во овој резултат и тоа не само преку директните вработувања, тие создаваат работа и за домашните компании. Извозот од технолошко индустриските зони е третина од вкупниот извоз на државата и секоја година во континуитет се зголемува. Фабриките кои работат во зоните не само што придонесоа за зголемување на извозот, туку и за негова диверзификација. Ако пред влезот на СДИ во земјава уделот на извезените машини и транспортни уреди, како производи со повисока додадена вредност изнесуваше 5 проценти од вкупниот извоз, денес тие учествуваат во вкупниот извоз со околу 30 отсто, истакна Миноски.
 
Тој вели дека придобивката од странските инвестиции е и поврзувањето на странските со домашните компании, пренесувањето на искуства, know-how, отворање на некои врати за македонските компании на меѓународните пазари, кои претходно за нив биле затворени.
 
Министерот за финансии очекува динамиката на влез на странски инвестиции да се задржи и во наредниот период. 
 
- Бидејќи стапката на невработеност во Македонија се уште е висока, политиките и мерките за привлекување на странски инветиции ќе бидат актуелни и во наредниот период. Како цел понатаму е да се привлечат повеќе капитално интензивни инвестиции, кои имаат поголема одржливост и не се базираат само на цената на трудот. Веќе постои таков тренд кај нововлезените инвестиции во Македонија, истакна Миноски.
 
Министерот за финансии во своето излагање на конференцијата се осврна и на управувањето со финансиите.
 
- Фокус на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Но, ќе истакнам и дека на среден рок ќе се залагаме за определбата за етапна консолидација на јавните финансии, при што е предвидено значително намалување на буџетскиот дефицит под Мастришкиот критериум од 3 отсто од БДП, вели Миноски.
 
„Euromoney“ е една од најголемите конференции од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, на која учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, инвеститори и банки. Како што се наведува во соопштението од Министерството за финансии, од регионот, освен македонскиот министер за финансии, учествуваат и министерот за финансии на Хрватска Здравко Мариќ, министерот за финансии на Србија Душан Вујовиќ, министерката за финансии на Унгарија Агнес Хорнунг и министерот за финансии на Албанија Арбен Ахметај. Годинашната конференција ја отвори министерот за финансии на Австрија Ханс Јорг Шилинг.