Свет
14. February 2023 - 8:34

Министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за војната во Украина

Министрите за одбрана на НАТО денеска ќе се соберат во Брисел на дводневен состанок на кој ќе разговараат за поддршката за Украина, напорите на Алијансата да ги надополни резервите на оружје и муниција и подобра заштита на подводната инфраструктура.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ќе им се придружи на министрите на НАТО во вторник попладне, како и на состанокот предводен од САД утрово на околу 50 земји за координирање на испораката на оружје за Украина, јави ДПА.

Се очекува Резников повторно да повика за испорака на борбени авиони, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се заложи за набавка на авиони за време на неговата посета на белгискиот главен град минатата недела. Денеска не се очекува одлука за испорака на авиони.

НАТО директно не обезбедува смртоносно оружје за Украина. Генералниот секретар Јенс Столтенберг вчера сепак повика на брза испорака на муниција, гориво и резервни делови во Украина.

Прашањето како да се зголемат производствените капацитети за муниција е исто така на дневен ред бидејќи континуираното снабдување со Украина ги оптоварува сопствените резерви на Алијансата.

Министрите, исто така, треба да разговараат за напорите за подобра заштита на критичната подводна инфраструктура по наводните саботажи на гасоводот „Северен тек“.

Утре фокусот ќе биде ставен на зајакнувањето на присуството на НАТО во источна Европа, таканареченото источно крило.