Македонија
29. March 2025 - 16:25

Министерството за образование и СОНК потпишаа нова спогодба за раст на платите

Министерството за образование и СОНК потпишаа нова спогодба за раст на платите. Најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во осноните училишта изнесува 22.745 денари, пишува во документот. Дел од просветните работници незадоволни на социјалните мрежи велат ова е бруто износ, што Нето би изнесувало 15.250 денари.

„Министерството за образование доколку го почитува колективниот договор и законот за минимална плата и СОНК да ги почитуваше законите и да се грижеше за просветните работници, ќе ја утврдеа за основица минималната плата на државно ниво која е во висина од 33.352 денари во Бруто износ или 22.567 денари во Нето износ. Со непочитување на колективните договори и законот за минимална плата, платата на просветните работници е скратена за една третина“, пишуваат на социјалните мрежи.

Според министерката за образование ова е шпекулација. Јаневска вели спогодбата за покачување на плата е потпишана уште лани кога со СОНК договоривме дека континуирано во следните четири години да има зголемување на процентот на платата на сите вработени во училиштата. 

„Оваа година идентичната спогодба ја потпишавме повторно за да може да се исплати мартовската плата во април со покачени 7%. Точно е дека одредена група вработени во училиштата имаат коефициент на минимална плата, ама тие никогаш, ни лани, преклани, не добивале 15 илјади денари плата. И во изминатите години тие добивале минимална плата и се однесува на општ работник, садомијачка, значи навистина на најнискиот коефициент на сложеност на работа и оваа година тие ќе си ја добијат загарантираната минимална плата, што значи ќе има разлика од претходната до оваа, ќе си го добијат тоа покачување. Сите останати ќе си добијат според коефициент на сложеност на работа како и секоја година“ – Весна Јаневска, министерка за образование 

На иста линија е и првиот човек на СОНК. Неделков тврди дека со новата спогодба само продолжува трендот на раст на платите. 

„Се шпекулира дека се оштетени просветните работници, што апсолутно не е точно. Еден наставник со зголемување од 7 проценти ќе добие некаде околу 2 ипол илјади денари, на сметка на вработените во јавниот сектор, каде што таму се оштетени линеарно им се зголемува платата за 1.800 денари. Ова се дефинитивно смислени шпекулации да се поттикнува членството на незадоволство во однос на спогодбите и работењето на СОНК се со цел отчленување и прелевање во друг синдикат“ – Јаким Неделков, претседател на СОНК

МОН и СОНК лани договорија постојан раст на платите за 4 години за вкупно 46%. Освен сегашното зголемување од 7%, догодина и во 2027 договорот е зголемувањето да се вижи помеѓу 7,5% и 10%, за истиот период во 2028 година процентот на раст да достигне од 10 до 12,5%.