Министерот за култура Исмаили го посети КИЦ во Софија
Министерот за култура Хусни Исмаили, во рамките на престојот во Република Бугарија, го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. Министерот Исмаили присуствуваше и на промоцијата на книгата „Ервехе“ од академик Луан Старова, која е преведена на бугарски јазик, а се сретна и со директорот Сашко Насев со кој разговараа околу сегашните и идните проекти за промоција на македонската култура во бугарската метропола.
Министерот за култура Исмаили во своето поздравно обраќање пред присутните на промоцијата истакна уверување дека книгата „Ервехе“, која е балканска сага за семејните корени, ќе наиде на голем интерес кај читателската јавност во Република Бугарија, која ќе може дополнително да се запознае со врвниот творечки дострел на еден голем и многу значаен автор, како што е академик Луан Старова.
Тој посочи дека Културно-информативниот центар во Софија, од неговото основање во 2005 година па сѐ до денес, дава свој значаен придонес кон промоцијата и афирмацијата на нашата култура, во бугарската метропола.
„Културно-информативниот центар во Софија низ годините прерасна во препознатливо културно седиште каде што секоја година се претдтавуваат голем број уметници и се реализираат проекти кои се резултат на одличната соработка на КИЦ со други културни институции во Софија. Ова е место за вистинска културна размена, простор на суштинска едукација, но и место каде што се создаваат вредни пријателства. Во тој контекст, сакам да упатам благодарност до директорот на Културно-информативниот центар, Сашко Насев, кој со голем ентузијазам и посветеност дава голем придонес кон продлабочувањето на културните врски меѓу нашите две пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Бугарија“, истакна министерот за култура Исмаили.
Досега во Центарот се реализирани околу 280 програмски содржини од сите дејности на културата. Во периодот што следува во просториите на Центарот ќе се реализираат уште многу настани, меѓу кои и концертот „Есенски ноти“ на триото „Аура“ на 28 октомври, фото-изложбата „Животот во Хавана“ од Роберто Брсакоски која ќе се одржи на 29 октомври, проекција на документарниот филм „Џезмен“ во киното „Одеон“ во Софија на 5 ноември, а следниот ден филмот ќе биде претставен и во Пловдив и многу други настани.
Ново на Сител
-
Изјавата на Кешишев нема да го смени обвинението - има цврсти докази дека Палчо ги убил Вања и Панче
-
Мицкоски задоволен од договорот со банките-компаниите добиваат историски најниска каматна стапка
-
Нова детска градинка во Кисела Вода
-
Преглед на вестите од светот
-
Избран новиот централен одбор на СДСМ, Филипче најавува враќање на победничките патеки
-
Тема на денот со Татјана Стојановска, активист во иницијативата О2
-
30 конгрес на СДСМ - Отчет за поразот и избор на телата на партијата
-
Ахмети: Без Aлбанците, Македонија нема иднина