Македонија
12. November 2018 - 20:41

Министерот Фазлиу го посети Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска го посети Технолошкиот парк кој функционира во рамките на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а се сретна и со ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети со кого разговарале за продлабочување на соработката со цел ставање во  функција на научните знаења и можностите на академскиот кадар во интерес на економскиот развој и подобрување на институционалните капацитети на национално и локално ниво.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, Фазлиу го запознал ректорот Беџети со активностите и проектите кои се финансирани од  ИПА фондовите на ЕУ, особено за прекугранична соработка со Албанија и Косово, каде можат да аплицираат субјекти од Полошкиот регион.

-Можностите се големи, така што комуникацијата и зајакнувањето на соработката со Универзитетот на ЈИЕ и со другите универзитети, оди во полза пред се, на образовните институции,  студентите и граѓаните на целиот регион. Очекуваме  интересни иницијативи од страна на академскиот кадар, како и од самите студенти со што ќе се охрабрат апликантите да конкурираат  со квалитетни проекти во идните јавни повици за прекугранична соработка, од кои еден повик ќе биде веднаш по новата календарска година, рекол Фазлиу.

Ректорот Беџети, се посочува, ја поздравил иницијативата која доаѓа од национално ниво, нагласувајќи дека Универзитетот е подготвен и има потреба да се вклучи во овие проекти, особено за иницијативи кои ќе имаат влијание на локално ниво. Беџети ја нагласил и потребата за јакнење на институционалните капацитети со посебен акцент за конкретни и специфични обуки во одредени области.

-Затоа, соработката е од корист ако научните знаења се спроведат во пракса, истакна меѓу другото ректорот Беџети.

Во кампусот на УЈИЕ, Фазлиу при посетата на Технолошкиот парк од менаџерите  бил запознат со петгодишната историја на Паркот, тековните активности, целта и неговата визија. Проект- менаџерот Висар Демири  го информирал министерот Фазлиу за досегашните активности, нагласувајќи ја идејата за зајакнување на врските помеѓу академските институции, индустријата и бизнис-секторот за преточување на истите во акција, знаење и експертиза, за развој на компаниите базирани на академско знаење, стои во соопштението.