Македонија
17. December 2024 - 13:11

Минчев: Реформата на јавната администрација еден од главните приоритети во пристапното партнерество со ЕУ

Реформата на јавната администрација е еден од главните приоритети во пристапното партнерство со Европската Унија, дел од првиот кластер – Основи, во согласност со новата Методологија за пристапни преговори. Но, овие реформи не се само обврска кон ЕУ, туку и обврска кон нашите граѓани. Наша цел е да изградиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација што нуди брзи и квалитетни услуги за сите.

Ова го истакнал министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.

Минчев, како што соопшти Министерството за јавна администрација, упатил благодарност до Европската Унија, СИГМА, РеСПА, и останатите партнери за нивната континуирана поддршка и посветеност, нагласувајќи ја клучната улога на јавната администрација како столб на модерното општество и важен фактор за подготовката на земјава за членство во Европската Унија.

Минчев информирал и за клучните активности на Министерството, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, Планот за раст и Патоказот за реформи.

Во тек е изработка на нова законска рамка која ги опфаќа законите за вработените во јавниот сектор, административните службеници, и стручното усовршување, со цел воспоставување институционални механизми за континуирана едукација и професионализација на службениците.

„-Извештаите на Европската комисија и оценските мисии на СИГМА ги гледаме како компас за насочување на реформите. Тие ни покажуваат не само каде треба да бидеме подобри, туку и колку е значајна соработката со ЕУ и сите останати партнери, додал министерот, повикувајќи на заеднички напори за исполнување на приоритетите.

Минчев ја истакнал потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка и партнерствата со граѓанскиот сектор, како и меѓународните организации.

-Нашата посветеност на реформите е недвосмислена, но успехот е возможен само преку заеднички труд. Уверен сум дека со стратешка соработка ќе постигнеме значајни резултати кои ќе ја потврдат нашата подготвеност за полноправно членство во европското семејство, истакнал министерот.