Македонија
29. January 2022 - 14:13

Милевски: Сите заедно да придонесеме да се стопат разликите меѓу Скопје и Софија

Развојот на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во делот на образованието може да помогне во надминувањето на разликите помеѓу двете земји изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешната конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“.

Тој упати порака до сите политички, но и општествени чинители, да придонесат „да се стопат разликите помеѓу двете држави“.

– Треба да гледаме она што не поврзува, а не она што се наши разлики. И во таа насока ја поздравувам оваа денешна средба. Пред се, се радувам затоа што бугарските општини во голема мера ги користеа пристапните фондови, ги користат ИПА фондовите за нивен развој. Ова заедничко дружење овде само ќе овозможи да се размени знаењето за да и нашите општини што повеќе ги користат, да се спремат за користење на средствата кога ќе се отворат преговорите и ќе започнеме да ги користиме средствата, претпристапните фондови, бидејќи периодот којшто е пред  нас, сите и образовните институции и општините треба максимално да го искористат за привлекувањето на финансиските средства од ЕУ, и за подобрување на условите за живот на сите граѓани, изјави тој.

Милевски додаде дека и во услови на криза двете земји изминатиот период остварија успешна соработка особено со искористувањето на фондовите за прекугранична соработка.

– И навистина во овие изминати периоди кога имаше најзаладени односи општините ги промовираа заедничките проекти коишто во изминатиов период ги имплементираа. Така, што можам да кажам дека ова е едно продолжување на соработката на општините, но се надевам дека ќе се продлабочи, бидејќи сега следува ИПА З периодот на искористување на средствата, заклучи министерот.

Тој аплираше до градоначалниците и до образовните институции од двете земји да соработуваат и заеднички за аплицираа за проекти од европските фондови.

Претседателка на Клубот на млади во Собранието, Моника Зајкова потенцира дека денешната конференција има за цел да ја покаже важноста на граѓанскиот придонес во зајакнување на соработката особено од аспект на помладата популација.

– Сега не е време да молчиме, ниту како млади луѓе, ниту како политичари за придобивките коишто можеме да ги имаме од соработката како граѓани на двете земји. Како пратеник во Парламентот и координаторка на Клубот за младински прашања и политики, инсистираме на соработка во делот на парламентите, односно младите пратеници помеѓу себе со цел унапредување на дијалогот затоа што на сите ни е од интерес да го унапрдиме пред се животниот стандард на оние коишто треба да ја градат иднината во двете земји.

Конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“ има за цел да поттикне дебата за моменталната состојба помеѓу двете држави, предизвиците и можностите за граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво и се одржа во организација на Renew Europe и АУЕ-ФОН.