Македонија
23. February 2021 - 17:36

Мијалков се пријави во Обвинителството: Бев изолиран со симптоми на Корона, се извинувам на целата македонска јавност

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков самиот се предаде во Обвинителството. Пред да влезе во обвинителството, тој за Телевизија 24 кажа дека вчера бил изолиран, бил болен со температура над 40 степени, со симптоми на Ковид-19 и немал намера да бега. Како што самиот кажа пристигнал во Обвинителството за да го подигне решението за куќен притвор што му го одреди Кривичниот суд.

„Сакам да ја искористам оваа прилика на целата македонска јавност поради целата ситуација и уште еднаш јавно да потврдам дека јас никогаш нема да побегнам. Оној што ме познава знае дека јас кога ќе дадам збор јас не го погазувам. Јас јавно дадов збор дека нема да побегнам никогаш“, кажа Мијалков.

По Мијалков беше распишана и меѓународна потерница.

 Од завчера попладне, Мијалков беше недостапен и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор.

 Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.