Балкан
21. July 2019 - 16:33

Мицотакис ја претстави владината програма

Земам збор со надеж дека ќе направам нов почеток во нашиот политички живот, бидејќи изборите на 7 јули затворија една деценија на економско, општествено и културно уназадување, рече грчкиот премиер на почетокот од неговото обраќање за време на тридневната расправа што е во тек во Парламентот за добивање доверба на владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Кирјакос Мицотакис ја претстави програмата на новата влада, говореше за шест вистини, односно за приоритети во шест области, почнувајќи од намалување на даноците, приватизации, намалување на бирократијата, најави промени во здравството и образованието, промени во изборниот законик и давање можност за гласање на Грците кои живеат во странство, вети поголема безбедност за граѓаните и слично.

– Вистина број еден: Грците плаќаат помалку даноци и економијата оди напред. Со нови инвестиции и многу нови работни места, рече Мицотакис и најави намалување на даноците за бизнисите, намалување на ДДВ-то за производите од 13 на 11 отсто и од 24 на 22 процента, намалување на данокот за сопственост на недвижнини. Истакна дека овие промени ќе бидат дел од новиот закон што веќе следната седмица ќе дојде за гласање во Парламентот.

Мицотакис најави и забрзување на приватизацијата, ќе продаде 30 отсто од атинскиот аеродром и ќе има нов обид за приватизација на грчката рафинерија.

Грчкиот премиер во однос на јавното здравство, како вистина број два, рече дека ќе има вработување на 2.000 лица, лекари и болничари и истакна дека веднаш ќе почне да се спроведува законот за забрана на пушење на јавни места.

– Со оружје технологијата, државата ќе се бори против бирократијата, рече Мицотакис и во третата вистина вети дека ќе има измени во изборниот законик, меѓу кои ќе биде и можноста да гласаат и Грците кои што живеат во странство.

Во образованието, приоритет на грчката Влада е вработување на 4.500 наставници по дефектологија, но и укинување на универзитетскиот имунитет според кој полицијата немаше право да интервенира во внатрешноста на факултетите.

– Имунитетот на беззаконието и деликвенцијата се укинува. Универзитетите се празнат од молотови, предизвикувачи на нереди и дилери на дрога и им се враќаат на студентите, професорите и вработените, порача Мицотакис.

Во продолжение, Мицотакис се осврна и на безбедноста на граѓаните, како основно демократско право, рече дека ќе се вработат нови 1.500 полицајци, во следните шест месеци ќе се обезбеди нова опрема и панцири за полицијата, а во 2020 година нови патролни возила и мотори, а најави и промени во Кривичниот законик.

Шестата вистина на грчката Влада се однесува на надворешната политика и меѓународната позиција и улога на Грција, а во овој дел Мицотакис го спомена и Договорот од Преспа.

Мицотакис најави и пет проекти во Атина и Солун меѓу кои и пренесување на атинскиот затвор во населбата Коридалос во простор надвор од градот, уривање на објектите од сегашниот затвор, а на негово место изградба на голем парк.

Во владината програма, според она што го најави Мицотакис е и целосно укинување на употребата на пластика во 2021 година.